fbpx

ЏАВТЕ КОРЗО

17.1.2021

Што ќе се случеше каубојците да беа ќелави? Индијанците ќе ги скалпираа под мишките и дезодорансите немаше да бидат пронајдени! Таков е односот помеѓу причините и последиците. Не секогаш. Во светот, правилата имаат по некој исклучок. Кај нас, исклучоците имааат по некое правило. Има домаќини и домаќинки кои не спуштаат ролетни додека си ги менуваат гаќите! Не знам дали да се фалам или да се жалам. Јас сум срамежлив човек. Спуштам ролетни и кога сакам да го променам сопственото мислење! Туѓото мислење не можам да го променам. За среќа на сите, особено на мислењето. 

Затоа пишувам вакви текстови. Затоа што без пристојна доза на романтизам, не може да се направи ниту една обична Васина торта, а камоли да се раскажат вистински животни приказни. Спомнувале и порано,  но само Ф.М.Достоевски напишал: „Убавината ќе го спаси светот“. Одамна не сум кандидат за „спасител“, но секогаш ќе се обидувам. Моите приказни да предизвикаат хемиска реакција која ќе го стопли срцето, но и многу појужно од него, да ми извините на израз.

Во Македонија каде и да боцнеш арпаџик, ќе налеташ на некој предмет од раниот период на палелоитот или ренесансата. И хуманизмот беше пронајден овде, но за многумина побратими премногу доцна! Тука има толку многу археолошки наоѓалишта, што и најголемите расипници можат да опремат неколку држави со нашето богато културно историско минато и пак да остане, за не дај боже. Секоја чест на сите сакрални и останати монументални објекти, но Скопје има свети и значајни места што од сосема нерзбирливи причини се заборавени или изоставени од сите енциклопедии, антологии и каталози, башка разгледници. 

Едно од тие свети места е и легендарното  „Џ а в т е  к о р з о“.

Во времето на монолитниот комунизам, кога сингл плоча од „Битлси” ти обезбедуваше автоматско учество на сите родендени и журки, најголемиот дел од животот се одвиваше во центарот на градот. Сите ние што живеевме на периферијата на Скопје, ја користевме синтагмата „одиме во град”. Таа проста реченица значеше дека се оди на корзото на плоштадот. Зад хотелот „Македонија” одевме за да можат тогашните девојки да запалат цигара, бидејќи во тоа време кај нас сѐ уште не беше измислен феминизмот и палењето цигара на јавно место од страна на некое женско чедо, автоматски повлекуваше квалификација „ороспија со тапија!”

Во строгиот центар на Скопје (тука сѐ е строго!) карши денешниот кафич „Тренд“ (порано „Кооперација“, а после „Лондон”) имаше една класична слаткарница од тенекија и стакло, која сите ние ја викавме „Кај трујачот”, од сосема разбирливи причини. Секоја недела, скоро редовно, по некој чесен корзаџија се труеше во тој познат туристичко-угостителски објект. Слаткарницата ќе ја затвореја на ден-два а потоа под неразјаснети околности продолжуваше да работи до следното труење, кое со време ни премина во една фина навика. Не одевме во омаразеното школо и по неколку дена заради тој случај на труење, што овој пат и за среќа не „задесил” нас, токму во периодот кога наставниците „дерат” по сите предмети и основи! 

Труењето од сите тие сладоледи, тулумби, баклави, еклери шампити и кадаифи, не е најдобрата работа што може да ти се случи во животот, но ние брзо го заборававме тој немил настан, бидејќи слаткарницата „Кај трујачот” сепак имаше една голема предност во однос на другите елитни места во градот. А тоа е фактот дека следната најблиска слаткарница беше на околу два километри, што и за нас најстрасните корзаџии (фундаменталисти) беше премногу. Едноставно не сакавме целиот живот да го  поминеме во пешачење!  

Нејсе, што би рекол Артур Шопенхауер. Еден ден, кога на многумина од нас ни досади тоа труење, скришно палење цигари на секои пет минути, пешачење натаму, пешачење наваму и слични декадентни активности, една спонтана цивилна и маалска иницијатива го создаде легендарното „Џавте корзо“. Сега кога се сеќавам на тој историски настан, сфаќам дека тоа беше пионерско опозиционерско делување. Зачеток, иако несвесен, на локална самоуправа. Прво посериозно ревидирање на колективната психологија „сите на сред село”. „Покрет отпор“ кон строгата централизација на нашето социјалистичко живеење и корзирање. Фактички, прва и вистинска  невладина организација. (Без навреда за денешниве „невладини“, кои се финансирани од влади!?)

Кога почна да се асфалтира, улицата го носеше работниот наслов „557”. Подоцна ја крстија Франклин Рузвелт а веднаш потоа таа стана позната како „Рузвелтова”. Од правец на зоолошката градина, покрај поштенската гаража, се до семафорите кај „Мал одмор”, се протегаше духовното и секое друго влијание на објектот од посебен општествен интерес, што го носеше славното име „Џавте корзо!“ Боже, како да ја опишам таа убавина? Бевме млади, убави и храбри. Добро. Лажам. Бевме само млади. Но  се смеевме гласно и сочно под ѕвезденото небо, додека насекаде ‘ртеа првите багреми, јорговани, липи и диви костени… Бевме сигурни дека Светот е измислен токму и само заради нас, додека со денови и ноќи чекоревме лесно и полетно по врелиот асфалт. Корзото беше првиот „фејсбук“, само во живо. И сладоледот, семките и сончогледот беа живи, а не на фотографии како денес. Нигде не брзавме. Тепавме време во огромни количини. И си го дозволувавме луксузот, да бидеме и мрзеливи. Корзото беше последната духовна аристократска активност, плус бесплатно.

Покрај главната културно-уметничка програма, на самото Џавте корзо, имаше и придружни манифестации. Додека ние „шпартавме”, од двете страни на улицата, пред своите порти и на балконите, седеа „вампирите” и коментираа: „Абе, разбираме слобода, ама ова е слободија! И ние сме биле младина, ама ова на што личи!?“ Во тие коментаторски моменти, еден посебно инспириран дискутант, за момент заборава дека вербалниот деликт сѐ уште не е укинат и лежерно изјавува: „Море ќе ги видам јас после, што ќе прават кога ќе умре другарот Тито!?” Тој што ја изговори оваа реченица, не го видовме неколку месеци. Наводно бил „на пат”, а после се дозна дека еден клас цајканчиња полагале дипломски испит на него (практичен дел) во подрумчето на полициската станица „Карпош”. Што е сосема разбирливо, бидејќи во тоа време никој не ни помислуваше дека малиот Јоже (нашиот доживотен претседател другарот Тито) воопшто ќе умре еден ден. Доказ за ваквото тврдење, според некои академици, беше првата реченица од тестаментот што лично другарот Тито ја напишал а гласи: „Ако икада умрем… “

Што значи „Џавте корзо?“ Не знам. Ме мрзеше да прашувам. А и сакав барем некој збор да ја задржи својата магија, таинственост и мистериозност. После ми кажаа дека на ромски, зборот „Џавте“ значи „Корзо“, ама колумната веќе беше објавена! 

Ова е нова верзија. А најновата верзија е дека сум остарел. Добро. Се случува.

НАСКОРО: Новата книга од Братислав Димитров – „ДРЕМКА ЗА ДВАЈЦА“ со избор од старите, но и многу нови колумни и раскази!

This image has an empty alt attribute; its file name is dremka-za-dvajca-naskoro-1024x683.jpg

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАМАТУРСКА ВЕЧЕР
СЛЕДНА СОДРЖИНАГУРМАНЧЕ

СЛИЧНИ СТОРИИ