fbpx

ЌЕ МОЖЕ ЛИ МАЛКУ ПОПОСЛЕ ДА УМРАМ?

15.7.2020

Каде се донесуваат важните и судбоносни одлуки? Светскиот локал „Вили” само случајно се наоѓа во Берово. Но специјалната единица на елитни дискутанти (меѓу кои се прошверцував и јас) веќе заседна околу една маса на редовно и навремено закажаната „берберска” дискусија, која на својот раскошен дневен ред ја имаше и точката: Решавање на нашите селски проблеми на светско ниво! Секогаш во вакви барокни дискусии ќе се најде по некој локален мислител што смета дека темата не е доволно обемна за неговите филозофски капацитети и затоа веднаш интервенира со дискусија во која, според многумина сведоци важи за врвен експерт! Овој пат темата беше Господ лично!

Има или нема Господ? Зошто? За да ни помогне! Уште на самиот почеток на  оваа (како и секоја) полемика, дискутантите во рутинска процедура се радикализираат и се поларизираат на  две непомирливи страни. Едната тврди дека Господ воопшто не постои. А другата дека има редовни комуникации и консултации со него! И кога сите пополека се помируваат со судбината дека оваа расправа ќе трае се до наредните првомајски празници, дедо Мито со своите деведесет и нешто години наоѓа компромис и го решава проблемот со следната изјава: „Дали има Господ? Абе, оно нешчо има… Без ич не е!”

Ете така сум напишал на 7 Мај 2000 година во една моја колумна во „Дневник”. Во вторникот, на 28 Декември 2004 година, во 5 часот и 35 минути,  ѕвонењето на телефонот не одлепи од тенката пајажина на сонот. Од Владимирово ни јавија дека срцето на дедо Мито престанало да чука. Тргнуваме. Утрото е сиво и исплашено, ко зајаче во време на слободен лов. На исток се уште никакви новости од сонцето. Денот скомињав и некако збунет. Околните пејсажи, чекаат подобри времиња. Долго ја параме густата плетка на маглата и конечно пристигнуваме.

Дремеме заглавени во длабока и леплива тишина и дискутираме. Умирачка, а? Тоа е. Се случува. Природна појава, ама подобро да се одбегнува. Некој рече дека раѓањето и смртта се најважните настани. Т о а  што е помеѓу се нарекува  живот, колку да знаеме за што разговараме. И како што темата се зголемуваше, така ние се смалувавме. Ни остана само уште по едно раменце на кое жените ставаа чорапи, пешкири и кошули, како што налагаше обичајот.

Последната ноќ, дедо Мито („В’чката”)  откако мирно, прецизно и домаќински ги дал своите последни инструкции, станал, го ставил качкетот и отишол  г о р е, за да провери на лице место што е тоа „нешто?“ Други сметаа дека му здосадило долги години сам да ја пречекува Новата година. На едно ќоше во рајот стои баба Фимка и го чека. Со прописно заврзана шамија, кесе штотуку отворени смоки и најблагата насмевка на светот. Трети тврдеа дека дедо Мито сакал на пролет да насади компири, зелка и една леја боранија, но неговото срце имало сосема други планови. На крајот се сложивме дека има време за се, бидејќи душата е бесмртна.

Додека го испраќавме, прво беше топло и дождот степуваше по нашите наведнати грбинки. После еден ветер долго мавташе со сечилото на својата остра сабја над нашите натежнати глави. (Да бев писател, тука обавезно ќе пружев еден фин опис на црвената леплива кал и нејзиното дејство врз нашите опинци, цокули, патики и по некоја штикла) На крајот сите се разотидовме задоволни дека овој пат сме  побегнале од лопатите на гробарите освен Богумил, кој остана сам до дедо Мито со зборовите дека не е фер тој да мрзне во црната и ладна земја а ние дома да сркаме врела јагнешка чорба! Последните негови зборови ги забрзаа чекорите на сите!

Богумил, нагалено Боге, беше омилена личност по сите основи. Еден ден, без никаква најава, одненадеж и жестоко, Богета го нападна некоја болест пред која науката остана немоќна и збунета. Едноставно човекот почна да се топи и да се губи во непознат правец! Вистинска мистерија. Една планина од човек почна да заличува на обична тумба среде селски пат. Дека случајот беше редок и безнадежен беше сосема јасно откако од него кренаа раце сите бајачки, гатари и јасновидци.

Почнаа да се пеглаат првите црни шамии и кошули. Небесната кочија тргна накај Боге за да ја товари неговата напатена душа. Имаше уште неколку часа до Старата нова година. Стамена го пушти радиото во самоодбрана.  За да ја убие тишината. И таман кога се чинеше дека дефинитивно е готов, во неговите очи прошмелцува една искра, како замастена свеќичка на „фичо”. Од старото радио почнаа да се тркалаат низ собата звуците на „Ноќите во бел сатен”.

Боге погледна највисоко угоре и тивко прошепоти: „Ќе може ли малку попосле да умрам?” Таму каде што допре неговиот магличав поглед, небото се разведри и една чудесна вселенска насмевка го допре неговото оросено чело. После во маало, со години се зборуваше дека во тој миг, Боге направил муабет со Господ лично. Според таа (званична!) верзија Господ го прашал: „Зошто попосле, бе Боге?” Овде обрни малку внимание на драмскиот момент: Пред многу години на една скопска журка, уште на првите тактови на „Најтс ин вајт сатен”, Боге ја штопирал Стамена на „груди” и следниот ден, така залепени отишле во матично! Едноставно, Боге имал голем мерак уште еднаш (за последен пат) да го изигра тоа танго. И Бидејќи Господ е првиот и најголемиот уметник, имал разбирање. Таа ноќ, Боге и Стамена ја прават истата „лепенка”, како во старите добри времиња…

Другиот ден, Боге пријатно изненаден дека е жив и здрав, се растрча на сите страни! Ги врати своите долгови. Го подели имотот на еднакви делови и ги завери на нотар. Испрати проштални писма… Дојде дома доцна навечер со насмевка на човек што успешно ги завршил сите најважни работи во животот. На ова место секој професионален намќор, хонорарен циник и дописен „партибрејкер” ќе напише: Вечерта Боге заспа како бебе, а утрото се разбуди како покојник. Јас не сум од тие. Ја сакам вистината, а таа изгледа вака: Кога Боге го замолил Господ да го одложи малку неговото заминување од овој свет, никаде не било прецизирано времето. За Господ 80-тина години се само еден обичен работен ден, а за Боге наш, Стамена и нивните дечиња, тоа беше долг и среќен живот во кој израснаа еден куп внучиња!

Што сака писателот да каже? Сите приказни се љубовни. Иако некои од нив ги нарекуваат воени.

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ