fbpx

ШАНК

24.10.2020

Историјата на човештвото е хронологија на трикови. Од најмалиот до најголемиот, сите ја имаат истата очајничка функција: Да ја намалат човечката осаменост а во поамбициозни случаи да ја надитрат и смртта, ако може. Обично, не може. Но, обидите никогаш не престануваат. Напротив.

После креветот и тркалото, шанкот е најголемиот цивилизациски пронајдок. Секој може да излезе сам во кафеана, да се потпре на сјајната и стабилна површина и да се чувствува помалку осамен под бескрајното ѕвездено небо, барем таа вечер. За следната вечер ќе смисли нешто ново и оргинално. Тоа во пракса значи дека комплетно ќе ја преспие.

Феноменот наречен  „шанк“  е редок пример за ефикасност која дава врвни резултати и во сосема обратни случаи. Секој паталец што е принуден по цел божји ден да комуницира со најразлични сурати и табиети и е на најдобар пат да стане мизантроп, се налактува  с а м  на шанкот и си ги испива на раат своите пијачки. Едноставно ужива во прекрасното друштво на својата заслужена осаменост.

Шанкот е институција од посебен општествен и економски интерес. Затоа од другата страна работат врвни и добро платени професионалци познати под името шанкери или бармени. Психолошки гледано, шанкот е „рамо” на кое плачат сите. И кралеви и питачи. Луѓе што ја загубиле својата публика. Шанкерот е современа варијанта на исповедник. Иако формално нема диплома, шанкерот е психолог со огромно работно искуство. Знае внимателно и долго да слуша. Кога зборува, ги кажува точно тие реченици што соговорникот сака да ги слушне.

Шанкот е историско место на кое се донесуваат најважните животни одлуки. Една од нив е „конечната” решеност за престанок на конзумирање алхохолни пијалоци. Нормално, таа одлука никогаш не се почитува заради судир на интереси. Се судира со основната дејност на институцијата шанк. И бидејќи првоборците на првата шанк линија во раните утрински часови се почесто наидуваа на заклучена домашна врата (многумина и на сменета брава!) капитализмот го измисли „домашниот шанк”. Тоа му доаѓа нешто како домашно диво животно. Тука својата голема шанса ја здогледаа хроничните приврзаници на шанкот, познати во народот како „папучари”.

Трикот се состои во следниот компромис: Ем дремеш на шанк, ем не си ја нервираш својата сакана женичка. Ем си дома, ем не си. Добар обид. И гарантирано неуспешен, разбира се. Како и секој гнил компромис така и овој, имаше краток век на живеење. Големата мода на купување на тие „домашни шанкови” преку ноќ го доживеа својот зенит, но и својата пропаст истовремено. Тоа парче мебел содржи неподносливо количество на кич бидејќи е замислено како замена за оргиналот. И кога сите роднини, пријатели и комшии го разгледаа домашниот шанк а сопствениците конечно сфатија дека тоа гомно од „намештај” им ја преполовува и онака скромната социјалистичка квадратура, почна нивната масовна продажба.

Вторите купувачи беа мераклии што не можеа да си дозволат нови домашни шанкови заради нивната висока цена. Откако ќе ги купеа (на старо) и нивниот мерак не траеше многу долго време. Драматуршки гледано, сцената што тие постојано ја играа беше неубедлива: Им доаѓаат дома гости. Домаќинот застанува зад „шанкот” (како зад партиски лидер) и самоуверено и гласно ги прашува своите гости: „За што сте? Пиво, вино или ракија?” Гостите едвај скривајќи ги завидливите погледи од шанкот, злобно одговараа: „Дојдени сме само на кафе!” Гордиот домаќин разочаран и навреден излегуваше од внатрешноста на својот шанк, седнуваше пред вклучениот телевизор и отсечно ја даваше својата директива: „Жено! Бутни кафе!”

И откако по извесно време сите открија дека „смедеревка”, „скопско” или некоја „брља” можат да се чуваат и во една најобична гајба, отпрвин срамежливо а потоа се погласно ја спомнуваа идејата за продавање на „шанкот”. По долги и макотрпни ценкања се склучува договорот. Третите газди (Роми, Египќани…) го товараа шанкот на запрежна кола и задоволни од својата бизнис зделка, итаа кон своите домови или четвртите газди. Тука трагата на многубројните домашни шанкови извесно време се губи. Причините се разбирливи. Во извесни кругови на луѓе многу трансакции и имотно-правни односи знаат да бидат прилично комплицирани.

Следните газди редовно се многубројните отпади. Сѐ до оној момент кога некој нов мераклија ќе реши наместо бурек да си купи шанк. Зошто? За ништо. Од чист ќеф. Мерак кој (за среќа) не е подложен на рационални анализи. Впрочем, сите отпади („бувљаци“) на овој свет постојат само заради една единствена причина: За да купите некоја будалаштина која апсолутно не ви користи за ништо. Така вие (барем за миг) уживате во својата слатка победа над досадниот рационализам и вулгарниот материјализам!

Во вакви научни трудови не смее да се заборави и идеолошката страна на случајот. По илегалното користење на „Битлси”, „кока-кола” и „фармерки”, домашниот шанк беше првото вистинско отварање кон Запад и неговите естрадни вредности. Комунистичката идеологија за прв пат беше сериозно загрозена. Славните социјалистички трокрилни шифоњери, комоди, каучи и „хоклици” (направени во договорната економија) полека почнаа да попуштаат пред продорот на суровата пазарна конкуренција.

Случајот „шанк” имаше и радикални разрешници. Седиш со години удобно сместен на својот шанк („коњак” ти е!) и уживаш во сите перформанси на најновата „жта” ракија, берба таа и таа. Сопругата енергично ги приближува своите славни витлери најблиску до твоето лице и ти се извикува: „Фати се еднаш за работа!” Ти како и секој почитувач на брачна другарка го  фаќаш  шишето и се обновуваш со уште една доза „ватрена вода”.  Домаќинката не штеди октави: „Цел живот го помина на тој проклет шанк!” И бидејќи тоа е дупла навреда (за шанкот и за тебе) ти во скратена процедура (со акламација!) ја праќаш сопругата кај мајка ѝ , на  н е о д р е д е н о  време. Го продаваш шанкот и со парите си нарачуваш разни пијачки повторно налактен на оргиналниот шанк, додека платинести женски чеда ти испраќаат разно-разни (боже ме прости!)  п о г л е д и. 

Го вртиш погледот на некоја (било која) страна, затоа што конечно ти здосадува да бидеш „теоретски швалер“. И додека така дремеш како мисир, од едно „место“ до главата ти пристига една древна, но за тебе нова  вистина: Ниту најсовршениот шанк на светов, не е подобар дури ни од најлошата жена! Љубовта победила и поголеми противници. Конечно се разделуваш од шанкот и пополека, на прстиња, одиш да ја молиш сопругата да се врати дома. Сармите од лозов лист (во најава) можат да чекаат, ама ти веќе не можеш!

Сончевите зраци ги тетовираат своите шари на темната кожа на ноќта. Во едно маалско дворче заигруваат првите утрински сенки, во кореографија и режија на раскошната бреза наречена „Ванда”. Еден казан ги турира алхолхолните октани додека се води следниот конспиративен дијалог:

„Шо ти текна да печеш ракија?” Другиот дегустатор откако ја отпива шестата пробна голтка, оговара: „Абе во подрумчето едно шанкче џабе собираше прашина. ‘Ко му викнав со секирчево…  Ќе остане некое дрвце и за правење ајвар”.

Нека забранат сѐ што може да се забрани, ама шанкот нека го остават на раат, за секој случај. 

НАСКОРО: Новата книга од Братислав Димитров – „ДРЕМКА ЗА ДВАЈЦА“ со избор од старите, но и многу нови колумни и раскази!

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАСОЦИЈАЛИСТИЧКИ ШИЗИЦИ
СЛЕДНА СОДРЖИНАПОСЛЕДНАТА ПИЖАМА НА МИЈАЛЧЕ

СЛИЧНИ СТОРИИ