fbpx

СТИЛСКИ ВЕЖБИ

17.1.2021

Вежба 1: „ЧУДЕН СОН“

Јас да се прашувам, Нова година ќе се слави секој месец! Знае овој народ да се развесели и кога најмалку му е до веселба. Едноставно, умее. Го бива. Што да ти расправам? Сме поминале како Тито на Бриони! Таква веселба немало одамна. Се собравме кај мене дома, прибидејќи имам двособен проширен стан и не мразам гости. Дојде баџото со хармониката, жената и децата, комшиката Севда дојде со маж ѝ , а јас и мојана со децата не дојдовме, прибидејќи веќе се наоѓавме во станот. 

Мало друштво, ама „одабрано”. Децата околу елката, ние околу прасето. Прасето 26 кила жива мера. Го „лишивме” од живот во неделата и право во фурна. Кога го посетивме во понеделникот, прасето испечено реш, како синдикалец на плажа во Отешево. (Прасе ти е голем изум!) Море кога удривме едно јадење, пиење, мезење… Море цела вечер вицови, шеги, комики… Кога испивме и изедовме сѐ, баџото ја растегна тоа хармониката, па кога викнавме едни патриотски песни, цела зграда ечеше! „Ај Каљинка, Каљинка…”, „Ој Дунаве, Дунаве…”, „У тем Сомбору…”, „Кафу ми драга испеци… “ Пред да се разделиме, падна договор и за Стара нова година!

После си легнав и сонував чуден сон: устата ми горчи пелин, а нема што да се напијам! Барам… барам… ама не можам ништо да најдам! Главата ми тропаше ‘ко тарабука. Тргнав по боза и некаде пред влезот на слаткарницата „Кај апче”, стои една девојка и ми мафта со раката. „Зошто и мене не ме повикавте на прославата?”, ме праша со некој глас како ехо од далечна планина. Гледам стои боса, а нејзините очи ја менуваат бојата… Фрлив тоа шишињата за боза и кога удрив еден шпринт накај дома… Се разбудив испотен и исплашен…

Вежба 2:  „НЕШТО МИ ГОРЧИ ВО УСТАТА“

Убаво си поминав. Не се жалам. Во јавни објекти не славам со години. Ми пречи дим, гласна музика и ждригање на уво. Тешко поднесувам и кога некој ми стои на чевелот. Со години чувствувам како нешто ми горчи во устата. Ме испитуваа многу лекари и бајачки. Нема дијагноза. Никој не знае што ми е. Џабе би уплатил во кафеана. За мене сите јадења имаат еден ист горчлив вкус. Сите лица ми се исти. Музиката е само редослед на поединечни тонови и е измислена за тие што не умеат да ја слушаат природата. Повеќе сакам тишина. И тишината ме сака мене. Така живеам со години. 

Со кого ја пречекав Новата година? Па… така, во интимно друштво. Не, не… Бев сам. Дома. Не сакам публицитет. Сакам филмови. Комедии. Земав 12 видеокасети и неколку пати слатко се изнасмеав, како во старите добри времиња. Помеѓу третиот и четвртиот филм направив пауза. Излегов на балкон и… Долу на тротоарот стоеше една прекрасна девојка и ме гледаше со поглед како да се знаеме од секогаш. „Зошто не ме покани да ја славиме заедно Новата година?” Ми прошепоти тивко и нежно, а јас долго молчев во ноќта и таман кога сакав нешто да прозборам, девојката летна како самовила и долго време светеше на небото со своите дијаманти! 

Вежба 3: „НЕКОЈ СТОИ НА ВРАТАТА“

Ноќ. Екстериер. Меана крај патот, искитена со новогодишни украси. Во ќошот оркестар. Порочна певаљка со бујни гради и мини-здолниште. Неколку пијани гости. Едните играат чочек на маса, другите кршат чаши… Кога атмосферата го доживува својот разуздан зенит, музиката одеднаш престанува! Пауза. Тишина. Сите зачудено и подзинато ги вртат главите. Бавен швенк на камерата кон вратата. На вратата стои девојка со блага насмевка и фустан од дијаманти. Сите молчат и вчудовидено ја гледаат. Девојката безгласно изговара неколку зборови. Претоп. Девојката е пред слаткарницата „Кај апче”. Човекот од првата приказна ги фрла шишињата за боза и почнува да бега во „слоу моушн”. Затемнување.

Вежба 4: „ЛУСИ НА НЕБОТО СО ДИЈАМАНТИ“

Какви ти се овие моронски прашања, чоече!? Ние секоја вечер пичиме до сабајле. Нам секој ден ни е Нова година. Шо да славам? Завршив факултет и седум години барам работа… Не ми се приближуј толку! Така и вечерта една наркохоличарка ми се залепи ‘ко туткал, во еден кафич. Ме гледа онака, ‘ко давеник сламка и замисли што ме праша!? Зошто не сум ја поканил заедно да ја славиме Новата година!? Ме бакна набрзина и испари негде, а јас после уште долго време не знаев што се случува и осеќав некој чуден „шит” во устата, додека кафичот тонеше сѐ подлабоко и подлабоко во звуците на песната „Луси на небото, со дијаманти”.

Вежба 5: „САМОВИЛА ГРАД ГРАДИЛА“

Каде? Се знае. На плоштад. Традиционално. Сега кога ќе се сетам на тие пионерски денови, спомените сами навираат. Почнавме од „виљушка и лажица”, како што велат многу брачни парови, но со голем ентузијазам и самопрегорна работа успеавме да привлечеме сѐ повеќе славеници на прекрасната калдрма (сега мермер!) на плоштадот „Македонија”. Но, тука не завршуваат нашите амбиции. Денес се носиме со идејата да изградиме уште еден плоштад бидејќи секој ден сѐ повеќе луѓе остануваат на улица, а сите тие се потенцијални славеници. 

Цела фамилија во ѕиври, поткошула и волнени чорапи. Па нека студи колку што сака! Ако треба ќе испиеме и по еден литар антифриз, ама ќе се веселиме ‘ко луѓе! И оваа година беше прекрасно, освен оној несреќен инцидент… Една девојка се качи на бината и праша зошто не сме ја поканиле на прослава!? Цел плоштад молчи и вџашено ја гледа, а таа почна да пее „Самовила град градила”… Службите брзо интервенираа, но уште долго време таа ноќ ја чувствувавме на усните горчината од овој немил настан…

Вежба 6: „ШТО ПОДАЛЕКУ ОД НАШИ ЛУЃЕ“

Лани бевме во Баден-Баден и Визбаден… Како да ти објаснам? Тоа ти доаѓа нешто како Штип и Пробиштип. Оваа година скокнавме малку до Италија, колку да не е без ич. Голема криза фати. Дојде време да не можеш своја рака во туѓ џеб да ставиш!? Во Македонија не славиме со години. Овој народ ни се води ни се тера. Од таков народ нема спас ни во странство! Замисли, седиме во Рим во хотел „Риц”, си мезиме некои морски плодови и одеднаш до нашата маса се створи некоја женска и ни едно ни две, ни кажува дека доаѓа од далеку за да биде со нас на новогодишната ноќ!? Ни ја загорчи цела вечер! Што подалеку од наши луѓе!

Последна вежба: „ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ?“

Никој не знае што се случи. Секој е зафатен со работа. Си работи за своето општо добро. Паралелно со тие патриотски активности, околу овие мистериозни настани постојано се плетат разни митови и легенди. Едни тврдат дека  тоа е случај на масовна траума и хипноза. Други мислат дека се работи за девојка со нарушена психичка состојба, бидејќи при распитот изјавила дека се вика „Македонија!?“ Трети се убедени дека девојката, всушност е метафора. Што се тогаш тие што ја виделе таа метафора?!

Не знам. Со години не излегуваме никаде. И таа ноќ бевме дома. Печевме костени и лупевме јаболка, додека во собата течеше злато и сребро од песната „Зајди, зајди јасно сонце”… Во едно глуво доба, некој силно чукна на вратата и јас истрчав да видам кој чука толку доцна во оваа новогодишна ноќ… Надвор немаше никој и ништо. Долго време стоев во тој ноќен катран, и додека ветрот фучеше низ крошните на дрвјата и моите смрзнати прсти, почувствував страшна болка. Ништо, си реков. Ќе помине. Ова е само уште една осамена ноќ.

Ете. Така беше. Жими мајка

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАГУРМАНЧЕ
СЛЕДНА СОДРЖИНАБУТНИ УШТЕ МАЛКУ ОД ТОА ВИЊАКОТ!

СЛИЧНИ СТОРИИ