fbpx

СОЦИЈАЛИСТИЧКИ ШИЗИЦИ

24.10.2020

Јас сум од онаа славна генерација социјалистички шизици што постигна најмногу успех во животот. Во купување на кошули. Жолта, во цветови, пепито со руска јака… Такво беше времето. Таков беше и буџетот за лична гардероба. Кондури и панталони купувавме само кога моравме. А моравме во моментот кога тие парчиња гардероба ќе дојдеа во фаза позната како „нема каде куче да фати”. Логиката беше едноставна. Додека седиш на маса во некоја биртија и лигавиш ладен шприцер, ти си изложен на погледи од половината нагоре. Тука истураш „пилеќа прса” во крупен план, форсираш најотровни швалерски погледи и патем (кобожемски) случајно зачешуваш некое женско коленце под маса. Тогаш масите (за среќа!) имаа димензии со класични вредности. Денешниве масички ние на времето ги користевме како копчиња за капути!

И кога по долготрајно талкање од некои канали ќе начекаш (најчесто ќе сошиеш) некое кошулче што е последен крик на модата во тоа време, ти го симнуваш од грб само поради некоја голема потреба. Тоа во нашиот случај беше кога го препливувавме Вардар, кога одевме на систематски преглед или кога некој колега шизик ќе ни ја побараше кошулата „малку да ја поноси”. Предност во овие вообичаени маалски позајмици имаа тие што стекнале симпатија и сега сакаат да ја промовираат во своја женска, „за озбилно”.

Кога јаката на омилената кошула веќе не можеше да го издржи нашиот врат со „Тарзан фризура”, маалските шнајдерки ја превртува од другата страна и ти добиваш нова јака. Продолжуваш да ја шеташ, како ништо да не било. Така со времето, кога некој ќе те спомне во разговор а другите немаат поим кој си, следува опис на твојата кошула и набргу сите сфаќаат за кого се работи.

Поминаа доста години. Завршивме факултет пред „Ванила”, магистриравме на корзо, докториравме во паркови и зеленила… Се изнауживавме во естетските дострели на штафети, слетови, рецитали, „трабанти”, „лада жигули”, „фичо Л”, „Фичо ЛЕ”, „фичо СЦ”, „застава конфорт… !“ „Партизански ескадрили”, „Битки на Неретви”, „Сутјески…” Конгреси на самоуправувачи „Црвени бајрак” на кои секоја година имаше повеќе знамиња отколку во истиот период лани… Натфрлувавме норми на сите полиња и ливади, колку да го нервираме „трулиот запад” а патем да ги пополниме печатените, електронските и сите други медиуми. Едноставно уживавме во мир, тишина и спокојство. Тоа беа првите симптоми на нашата социјалистичка декаденција.

И кога мислевме дека остатокот од животот ќе го поминеме во играње домино, редење пасијанс или везење гоблени, се случија неколку драматични  настани. Џими Хендрикс ја отпеа својата „Парпл хејз”.  По отсвирувањето на тоа негово анархистичко соло во „Пурпурната завеса”, кадровската политика во Македонија се измени. Едните ја напуштија музиката и почнаа да садат арпаџик а другите станаа филозофи. Последниве тврдеа дека по една ваква „измишљотина” човекот може слободно ( и комотно) да си умре. Џими умре. Иако, се до овој миг, никој не е наполно убеден во вистинитоста на таа информација.

Вториот културен настан на годината беа ѕидните тапети-постери. Цело Скопје навали во стоковната куќа „На-ма” да го види тоа чудо на науката и техниката. Похрабрите купуваа веднаш а останатите стоеја настрана и поставува безброј прашања. Продавачката одговараше кратко: „Се продаваат ‘ко алва!” Тоа беше најдобрата препорака и ние ја земавме ролната со избраниот пејсаж под мишка и итавме накај дома желни за нови возбуди.

И додека ги лепевме џиновските постери на ѕидот, цело маало беше надзорен орган со безброј  (често контрадикторни) сугестии и предлози. Откако ги залепив сите парчиња преку целиот ѕид, се најдов на една патека среде голема шума во доцна есен! И бидејќи во ваков еден свечен момент премногу уживаш, од големата група советници секогаш ќе се најде некој експерт што ќе ти дофрли (на заминување) дека преостанатите лисја на дрвото не се добро споени и дека малку бегаат…

Откако ги изброив сите лисја, гранки, тревки, мравки, бумбари… на мојот ѕиден постер, отидов кај колегата Мице. Беше една цибрина накај минус 20 степени, на сонце. Мице дома стегнал греалка на тројка, се завиткал со шалче ‘ко ролат, термофор под мишка, топлинки обавезни, пие задимен чај и седи на Хималаи во својата соба! И додека вечниот снег на планинските врвови му виси над заледената глава, тој  е длабоко задуман. Го прашувам што прави а тој полека се врти кон снежните Хималаи на својот ѕид и филозофски одговара: „Правам планови за иднината”. „Ќе одиш на игранка?” прашувам конструктивно. „На пролет ќе варосувам. Ќе удрам еден ваљак на ѕидов…”

Ете. Сум се распишал ‘ко скрибоман по долготрајна апстиненција и не забележувам дека е сабота. Плус, навечер. Елитен термин. Време е за бурен ноќен живот и разни други беснотилаци. Одговарам на описот. Се дотерувам максимално и излегувам од дома. Каде? На балкон. Во недостаток на телефонска говорница балконот е идеално место за партиска конвенција но јас сега се бавам со цивилни работи. Се понашам невладино, непартиско и непрофитабилно. Особено непрофитабилно. Должам пари на сите страни. И мене ми должат многумина. Ми должат извинувања додуша, но и тоа се важи бидејќи јас сум многу по тоа  д у х о в н о т о  да му се сневиди, како што убаво ќе се види и од следните настани.

Се ушанчувам значи на мојата слободна територија (шифра: „Балкон”) и одгледувам  м о м е н т и. Лирски, разбира се. Најефтини се. Само седиш и зјапаш.

Магичната вселенска пигментација ги затемнува раскошните елипси на ноќта. Месечината ги расфрла своите сребрени насмевки по околните керамиди, дворови и далечни спомени. Како воздишка од гугутка едно топло ветре ја растресува црната јамболија на ноќта. Првите сончеви дијаманти блескаат на вратот на младото пролетно утро, како што е опишано во сите боенки и сликовници…

Ете. Такви бевме ние. Социјалистички шизици. Какви сте вие? За да не гатаме, напишете си своја колумна.

П.С.

За кого ќе гласам на следните избори? Не знам, гласањето е тајно!

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАО ПРОКЛЕТА ДА СИ ДЕТЕЛИНО СО ЧЕТИРИ ЛИСТА
СЛЕДНА СОДРЖИНАШАНК

СЛИЧНИ СТОРИИ