fbpx

САМОУБИСТВО ВО А-МОЛ

15.7.2020

Денес е 14 Златец (Јули) 1968 година. Во нашето маало се случува културен настан на годината. Ние неколкумина тинејџери-приправници, почнуваме да ја правиме првата електрична гитара! Такво чудо на науката и техниката од „трулиот запад” нашата социјалистичка стварност се уште не познаваше иако „сваког дана и у сваком погледу, све више и више напредујемо!” Како модел за изработка на нашата домашна гитара  ни  послужи еден постер од „Џубокс”. На него блескаше еден „фендер стратокастер” од кого Џими Хендрикс вадеше такви крикови и шепотења какви што никој пред него и никој после него, не успеал.

Техничкиот дел секогаш е најтежок. За уметничкиот, колај работа. Најстариот и најугледен шизик ќе собереше неколку души околу себе и ќе им се обратеше званично: „Слушај ваму добро. Јас ќе свирам соло гитара, ти ќе свириш бас, ти ритам, а ти бубњеви. Немој некој да забраил, ќе му ибам сестрата!” Така се создаваа првите рок групи во Скопје. Гаражите и подрумите станаа елитни места бидејќи на проба можеа да влезат само неколку привилегирани особи, што е сосема разбирливо ако се земе предвид скромната квадратура на спомнатите културно-уметнички објекти.

Едвај склепавме некако две електрични и една акустична гитара. За „бубњевите” не сакам да дискутирам, поради елементарно чувство на срам. Глетката во ниту еден миг не делуваше охрабрувачки. Ние со рабушавени шишки и бунтовнички погледи а перкашн секцијата изгледа како беден роднина пред шалтер: На една хоклица ставен барабан. До него на метална прачка закачена тенекија што требаше да изигрува „чинела” и… толку. За невољата да биде уште поголема, нашата ВИС (вокално-инструментален состав) се викаше „Демони!”

Уште во тие дамнешни времиња сфатив дека овој народ во извесни моменти знае да испадне голема стока. Ќе се одереме од свирење и пеење во маало и некаде при крајот на нашиот концерт (како по некое непишано правило) секогаш ќе се најдеше некоја џукела која (од некои свои замислени олимписки висини) ќе ни дофрлеше неподносливо лежерно: „Абе дечки, отсвирете нешто!”

Сепак, како што обично изјавуваат сите метузалеми, во тоа време имаше ентузијазам а не како денес! Ентузијазам имаа и тогашните милицајци. Уште на почетокот на нашата проба, по пријава на некој патриот и комшија, го вадеа гајтанот од штекер и во кафкијанска атмосфера ни советуваа „под хитно” да го напуштиме местото на настанот за да не постапат „по дужност”. На излегување од нашиот музички храм, милицајците ни ги соопштуваа своите идеи за „таквите” како нас. Обично нивните предлози беа поврзани со еден подолг престој на Голи оток, или Сибир евентуално. Затворот во „Шутка” им се гледаше преблаг за нашите „пороци”.

Еден ден нашиот соло гитарист се заљуби во една Верче од Драчево, ко тибетско говедо во поило. И пичлачето одгледуваше исти такви чувства кон нашиот „Џими”. Беа како петок и сабота. Кец и десетка. Тенџерче и капаче… Поради таа нивна фластер љубов „испашташе” рокенролот, како во нашата група така и  п о ш и р о к о. Ова  п о ш и р о к о,  значи дека имавме амбиции  да тргнеме на турнеја од „Тафталиџе” до „Автокоманда!”

Во тоа време немаше такси, велосипедот беше скоро луксуз а реиз имаше на неколку часа, под услов патем да не останал во дефект. Затоа во тоа време  прво и основно прашање упатено кон тазе запознатата женска беше: „Каде живееш?” Ако одговори „во Центар” (или  нешто слично) ти во себе (а понекогаш и гласно) коментираш: „Лесно е за испраќање”. Во случај женската да ти пријави место на боравок во „Ѓорче Петров, „Сарај”, „Синѓелиќ”, „Бутел” или некоја слична дестинација, ти со истото прашање  преминуваш на другата страна на корзото.

„Џими” за жал не ја испочитува таа класична процедура и половината од својот пубертет го поарчи во пешачење на релацијата „Тафталиџе”-„Драчево” и обратно, бидејќи последниот автобус знаеше да не се појави или да не застане од педагошки причини, откако ќе го здогледа „Џими” со изглед непримерен за еден Титов „омладинац”.

И таман кога некако ги свикнавме неговите чести  отсуствувања од пробите, се случи нешто за кое не бевме доволно психички подготвени. Влета еден ден во подрумчето на проба со својата „Јоко Оно” (Верче) и уште од вратата се извика: „Брзо фаќај А-мол!” Го фаќаме тоа А-молот и дрндаме инструментал цел еден саат. После дојде вокалниот дел и тука почнаа спорните моменти. „Како ти се вика песмата?”, го прашуваме. „Верче форевер”, одговара со нагласена доза на маалски чалам и некој декадентен ќеф. По една долга и непријатна пауза му понудивме компромис: Половина од насловот на песната да го задржиме, а остатокот да го исфрлиме. „Џими се сложи, но во истиот момент нашите идеи безнадежно се разминаа. Ние предложивме да остане само она „форевер”, а тој инсистираше на „Верче!”

И кога во еден миг изгледаше дека ќе се распаднеме како нашите колеги „Битлси”, за среќа дрмна еден силен земјотрес и ние се испаничивме на улица! Но тоа беше само времено решение бидејќи судбината има своја логика, непозната за обичните смртници. Другиот ден му доаѓа на „Џими“ позив за ЈНА! (Југословенска народна армија) Место: Требиње, задња пошта: Горњи Вакуф. Најтешко му падна дека мора да оди на бербер. Тоа е тежок удар за секој поштен шизик што едвај успеал да ја порасне својата коса за време на летниот распуст.

По банкетот го испративме на железничка станица со класичната нумера: „Ој другови јел вам жао… растанак се примакаооо…” Уште долго време мафтавме со тоа пивата се додека возот сосема не се загуби на бексрајниот хоризонт.

После некој маалски тастер му пратил писмо на „Џими” во кое ја злоупотребил слободата на уметничкото изразување. Му напишал дека редовно ја гледа Верче со некој тип качена на мотор, на релацијата „Бутел” – „Драчево” и обратно. Особено обратно. Ова последново, „Џими” не  можел да го поднесе. Влегол во првата биртија, испил на екс неколку дупли вињаци и направил срча на сите страни! Дошла воена полиција и го однела пред „преки суд”. По сите можни казни го ставија граничар на Југословенско-Албанската граница. Една вечер, откако не можел повеќе да издржи сам во друштво со најцрната ноќ и најстудената зима, ја фрлил пушката, ја земал гитарата и излегол надвор од караулата, во најголемата шампита на светот…

Другиот ден го нашле далеку во снегот. Прстите на неговата лева рака иако помодрени и вкочанети, цврсто го држеле вратот на гитарата,  во  позицијата на „А-мол!”

Денес нема рокери. Никој не сака да оди во војска. А и љубовта ја има само во оние лигави петпарачки ТВ серии, колку да не е без ич.

Како и да е, едно е сосема сигурно: Секогаш кога ќе го спомнеме „Џими”, чувствуваме во градите едно големо парче мраз од таа негова зима…

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАЛЕКЦИИ ПО МАРКЕТИНГ ОД LEGO
СЛЕДНА СОДРЖИНАОЛДИ

СЛИЧНИ СТОРИИ