fbpx

ПОСЛЕДНАТА ПИЖАМА НА МИЈАЛЧЕ

24.10.2020

Таа далечна 1968 година беше како предодредена за секс и смрт. Секој ја искористи својата животна шанса. Мијалче си умре спроти задушница, наводно, за да не правел додатни арчови. Уште пред првите петли да ја распараат темната наметка на ноќта, ја испуштил душата како пердувче. Во раката држел штотуку гризната, како алтан  жолта дуња, со насмевка на човек што завршил голема работа. На натказната до празните шишенца од седативи, оставил проштално писмо со само неколку реда. Нормално, во вакви ситуации човек нема време да се впушта во прустовски описи и разни други литерарни чипки и тантели. Само им се извинил на сите и ја кажал својата последна желба: да го погребат во пижамите што му ги купила извесна Маринела и во придружба на „Лед цепелин” со рок химната „Старуеи ту хевен!” 

Така и бидна. Лежи Мијалче оптегнат во своите пижами со сиво-сини линии, кои според проценката на Параскева, идеално се вклопувале со неговото лице и парчето сомот над нашите глави, за кое дури после разбравме дека било небото! И додека ние неутешно плачеме и редиме, поп Стојан додатно се крсти над касетофонот од кој  ечат октави, синкопи и рифови над ровката и црна земја. Што ти е судбина. Последните години, Мијалче повеќе бил во пижамите на Маринела отколку во својот живот. Дали беа од порхет, зенана или сатен, никој сега не може да се заколне во мајка, но најважно е дека беа последните класични пижами видени во Тафталиџе и остатокот на светот. Имаа копчиња, џебови и шлиц, а не како денешниве „модерни” пижами,  да не се искашкани на извесно место, многумина нема да знаат од која страна да ги облечат! Така Мијалче (без да знае) ги удри темелите на една уметничка форма позната како „перформанс” и званично го отвори „клубот 27” во кој подоцна се зачленија Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон и Ејми Вајнхаус. И Кит Ричардс не се чувствуваше баш добро, ама еве го завалијата, тера еден живот!  

И тогаш се случи сцена од холивудски филм. Еден пар невидени нозе, во темни најлон чорапи со шаф на средината, се доврцкаа на високи потпетици до ковчегот на Мијалче. Нивната сопственичка имаше поглед од кој околното зеленило и магла се почувствуваа излишно и бесмислено. Се наведна за да го остави букетот бели перуники, доволно долго за да блесне  безобразниот шлиц, но прекратко за да  може Параскева да објасни дека „ваквите растураат бракови!” Откако нѐ погледна како статисти во масовна сцена на историски спектакл, со длабок баршунаст и леплив глас му се обрати на Мијалче:  „Извини , малку се задржав”. Е сега, зависи. Тоа малку било три години во Париз без ниту едно писмо, разгледница или дописница, плус, ненадејно заминување од нашиот Мијалче без никаков поздрав или абер! Судејќи според гардеробата и парфемот што не зашемети, госпожата таму сигурно не работела во манастир или детска градинка, а судејќи според фацата на Пеце Шиник, беше јасно дека смртта на Мијалче е само почеток. Кога ја здогледа фаталната Маринела, Пеце не одлепи поглед од рељефите на нејзиното тело кое се брануваше како кобила во галоп среде бескрајно поле, под услов да немате ништо против метафори. 

Тоа беа времиња кога сексуално зреевме, но ова треба да се сфати условно и со резерва. Брижит Бардо навистина се соблече до гола кожа, но ние бевме од оваа страна на филмското платно. Мерлин Монро високо ја подигна сукњата над една шахта во Њу Јорк, ама никој не смееше да и  се приближи. Од сите страни (и од шахтата!) агенти на ЦИА, ФБИ и цивилни душкала, ја чуваа Мерлинка по налог на претседателот Џ.Ф.К.. Според званичнаата верзија, тој и таа биле само пријатели и најверојатно разменувале мислења за светската политика и рецепти за ролат! Добро, во маало имаше една Пауна која навистински пружаше сексуални услуги, но таму се чекаше во поголем ред отколку за свински полутки или пита кашкавал од синдикатот!  

Во тоа време се плетеа митови и легенди за љубовните и спортските подвизи на некој Драган „Тупан” од Водно и покрај нелојалната конкуренција од страна на Цветковски Гоце и Круме Кликер. Но нашиот Пеце зема залет да ја зесени нивната слава! Почна да ѝ се пушта на Маринела 24/7, во секое време и на секое место! Покрај силните чувства и емоции, тој влезе и во материјални инвестиции. Зема кредит и купи: нова перлон кошула, фармерки „ѕвонарки”, „брукс” кондури, запалка „ронсон” и саат „Дарвил” со дата! Направи „тарзан” фризура со долги шишки кои мангупски ги дуваше од челото и долго пред огледало го вежбаше погледот на Клерк Гејбл во славниот хрватски филм “Замјео их вјетар”, кај нас преведен како „Прохујало са вихором”. (Ова не е грешка. Ова е цинизам. Се извинувам, ми се испушти). 

Повторно  н и ш т о. 

Маринела беше постојано зафатена со својот салон за масажа кој покрај званичните и дозволени зони, масирал и (боже ме прости) срамотни места! Но случајот беше брзо заташкан, затоа што и шефот на полилиција е човек и тој се разбира во гради со „вада”, тоа е онаа славна бразда  што ги разделува и ги спојува двете „страни” на истата тема! Но Пеце беше дете од стара мајка. Последното шкорче го палеше како кибритот да е полн. Паѓаше сто, но стануваше двестотини пати! Прекарот „Шиник” го доби заради маркантноста на неговата глава, за која немаше ниту еден ѕид што е доволно тврд. Ја позајми едната од трите веспи во Скопје и со глема брзина возеше наваму-натаму пред салонот на Маринела. Еден ден, додека пичеше со веспата, Пеце се загледал во нејзините гаќички што се сушеле на балконот и… Добро, градските власти и така планираа да ја сменат таа бандера а промената на личниот опис во случајот на Пеце многу не се забележа, а неговите нозе после судирот со бандерата некако му се исправија!

Уште не ги извади гипсовите од страдалничко тело, Пеце направи таен договор со еден бадијалџија од Драчево кого го викаа Ганза Смрт, сигурно не од лирски причини. Најмалата тетоважа што ја имаше џукелата беше крокодил во природна големина, а на него изгледаше како гуштерче! За услугата што ќе му ја направи, Пеце беше должен да му ги даде „ѕвонарките” и насекаде каде што мрда некакво женско, да зборува каков фраер е Ганза! Ова второво му падна најтешко, но Пеце немаше избор. Во договореното време, ги завземаа позициите. Кога Маринела се појави пред порти, Ганза Смрт ноншалантно, како да јаде шампита, и довикна: „Малечка, сакаш да си поиграш со Гулеверчо?”  „Со што!?”, го прашува Маринела со усните на Ким Бесинџер, а Ганза Смрт покажува на својот шлиц! 

Тогаш Маринела му ја залепува најсилната шлаканица во историјата на Холивуд а Ганза ја зграпчува и кобожемски сака да ја силува, но Пеце Шиник со брзина на Гонзалез стига точно на време за да ја одбрани својата неостварена, но сега воодушевена љубов! Се ќе беше во најдобар ред, но Пеце премногу се внесе во својата улога и почна со тоа гипсовите да удира по Ганза како во боксерска вреќа. Ганза стоички ги издржуваше крвничките удари заради убедливост на сцената, но после му пукна филмот и заборави на договорот. После во градска болница го потрошија целиот гипс на Пеце и така балсамиран му дадоа упут за бањско лечење, нешто во врска со нервите.

Ганза длабоко разочаран во човечката природа, емигрира во Вировитица кај некоја Зденка и никогаш не се врати. 

Беше 30. Златец, ден на Св. Маченичка Огнена Марија кога падна и последната грутка земја врз пижамите на Мијалче. Се влечкавме накај дома во тишина густа и темна како катран, додека едно ветре како воздишка на ранета срна, си играше со нашите разбушавени тимби…

НАСКОРО: Новата книга од Братислав Димитров – „ДРЕМКА ЗА ДВАЈЦА“ со избор од старите, но и многу нови колумни и раскази!

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАШАНК

СЛИЧНИ СТОРИИ