fbpx

ПОМРДНИ СЕ МАЛКУ, СИ МИ ЗГАЗНАЛ НА ДУШАТА!

06.5.2021

На светот понекогаш се случуваат и чуда. Јапонска народна поговорка

Прочитав многу написи за штетноста на алхохолот. Што направив после? Престанав да читам! Алхохолот пополека убива? Па што? И така никаде не брзам. Славниот пеач, глумец и пијаница, Дин Мартин одамна изјавил: „ Ако си на подот и не мора да се придржуваш со рацете, значи дека сеуште не си пијан“. Уште поубаво напишал еден наш сограѓанин, балканец: „Не е тешко човек да биде толку несреќен за да почне да пие. Луѓето треба да се одвикнуваат од несреќа а не од алхохол. Несреќата е поголем порок“. И ние имавме една вековна изрека, ама нашиве европејци ја забранија: „Жена во кујна и ракија во шише, најмирни се!“ 

Тука завршува теоретскиот дел. Во пракса, седиме околу казанот за печење ракија. Јас, Мијалче и Рубинчо. Уште по првата чашка („кавгаџивка“) се направивме резил и бербат по сите основи. После на токсикологија дознавме дека брљата што сме ја конзумирале, наместо 50, нашиот експерт Мијалче ја стокмил на 82,5 степени! Беше 13 гроздобер (септември) 1972 година. Ден на светите маченици Трофим, Теофил и други. Во „другите” спаѓавме ние тројцата, што пиевме ракија која во светот се користи како воен отров. Во алхохолот едвај нашле крв за анализа. Рубинчо како познат хипохондар ни предложи наместо со доктор, да се консултираме со гробар! 

Таа година умре Мерлин Монро. Сите жалевме освен нашата Лефтерија (Лефка) која сметаше дека после тој настан, практично останала без конкуренција. Да не претерува малку? Зависи. За разлика од фаталната Мерлинка која беше невидлива и за своите најблиски, Лефка беше видлива за сите нас. Особено кога спружаше алишта на жица и некоја гаќичка или прслуче „случајно” ќе и паднеше на земја до нејзините нозе. А тие нозе, колку и да се одбие на штикли, ги надвисуваа нашите разбушавени тимби, испотени од… Не кажувам од што, за да не испаднам прост. Мијалче беше до коска заљубен во Лефка, ама никогаш не спомна дека ќе се самоубие заради невозвратената љубов. Пиштол нема, се плаши да рипне од високо, а отровот го смета за женско оружје. Затоа решил да умре од ракија, како вистински маж! А јас и Рубинчо? Нас не викнал да му правиме друштво! 

Сите бараат друштво за во животот, а Мијалче за во смртта! Признавам, приватно се згрозив. Ама службено (како драмски писател) ја одобрив идејата.Некако избегавме од лопатата на гробарот, но приказната продолжува на многу чуден начин. После сто години самотија, Мијалче како шимшир порти ја отвори душата пред нас. Неговиот татко Трпе, се сплеткал со Лефка и ни господ не можел да ги раздели! „Ова нема крај. Се чувствувам како во турска серија. Како оној копиљ што продава гевреци по улици а сите околу него се Сулејмани, па уште и величенствени!“ Како да утешиш човек чиј роден татко му е истовремено и баџанак, макар и теоретски? 

Трпе беше најдобар човек и ѕидар од Тафталиџе до Баден-Баден и Визбаден. За Штип и Пробиштип, се подразбира. За разлика од Џон Кенеди, Трпе не ја криеше својата безгранична љубов кон својата „Мерлин Монро“. За него Лефтерија беше… никој не знае што беше. Такви работи не можат да се објаснат. И сите други работи не можат да се објаснат. Неговата брачна другарка Трајанка, позната шнајдерка, откако ќе мавнеше едно шише вишновка, седнуваше на машината „сингер” и по цели ноќи шиеше. Неговиот постар син Сале сметаше дека движењето е залудно губење време, затоа што најдобро e таму каде што си. Својата теорија ја докажа и научно, не помрднувајќи се од плетената столица во дворот. Најмалиот негов син (најќе да му го спомне името) ги развиваше сите мускули освен оној што е сместен во черепот. Еден ден замина во Париз за да стане угледен криминалец, но го вратија со првиот воз. Според сведочењето на Димитар („Џиџи Париџи“) ја пофатил за газ Натали Делон, а после зел да му удира шамар на Ален Делон!? Како останал жив е вистинско чудо! Третиот син ви е добро познат и се одзива на името Мијалче.  

Лефтерија добиваше безброј понуди од сите страни. Кино и негро бонбони, после на музика и кебапчиња во „Опатија“, првата вечер само за рака и испраќање дома точно на време. Трпе повлече потез  како Модиљани на своите платна. Ѝ купи ланче, тегет плисирана сукња, чевли балетанки и уплати полн пансион за двајца, во најубавиот хотел во Охрид! Во време кога одењето од Тафталиџе до корзо беше настан, а од Драчево до центар вистинска авантура, Трпе даде понуда која не можеше да ја одбие ни вистиската Мерлинка! 

Од долготрајната детална истрага и исказите на многубројните сведоци, едно било сосема сигурно: Таа вечер Трпе и Лефка на терасата на хотелот биле дел од чудесното зајдисонце, со широки насмевки и многубројни воздишки. Држење за раце под маса, вклучено во вечерата. Во еден миг, за да се почувствуваат многу поважни од својата околина, нарачале некој коктел од некој филм и кога најгласно се смееле на својот штос, едно келнерче штотуку вратено од Италија, ги спуштило двата коктела на нивната маса, како две блескави гондоли! Малку фалеше да бидат како во вистински холивудски филм, да не влегуваа во кадар она охриѓаништана. Ашкајќи се околу нивната маса, требало-не требало. 

После шестата „гондола”, инспирирана од филмот „La Dolce Vita“, каде онаа цицлеста Анита Екберг влегува во фонтаната „Di Trevi“ во Рим,  Лефтерија влегла во езерото. За разлика од Лефтерија, Анита излезе од фонтаната, а Лефтерија никогаш не се појави. Цела ноќ Трпе не помрднал поглед од темните свили на водата, но било залудно. Рано сабајле, морал да се соочи со фактот дека од неговата Лефка останале само неколку меурчиња на површината. Грутка мраз се заглави во неговите гради. Грутката сѐ повеќе се зголемуваше, а Трпе се повеќе се смалуваше.  „Помрдни се малку, си ми згазнал на душата!” Се извика гласно, додека јатото уплашени галеби го шараа небото.  

Тогаш сфати дека реченицата што се откина од неговите помодрени усни се однесува на него, затоа што е сосема сам на овој балкон и во остатокот од светот. Не е пријатно да скокнеш од авион со расипан падобран, но тоа не може да се спореди со чувството кога ќе дознаеш дека самиот си згазнал на сопствената душа! И кога фикусот што беше до неговата маса му се виде како „весељак” кога го спореди со себе, Трпе се помрдна од својата душа. Поточно, 168 километри од терасата на која седеше, до првата слободна парцела на градските гробишта во „Бутел“.

Трпе истрпил многу работи во животот. Ќе ја истрпи и својата смрт. Само му беше криво што не стигна да ја искрои лозницата во дворот. Под нејзината ладовинка, генерации си шмркаа кафенца на раат, како во најубавите бајки, сликовници и боенки. После дојде едно лето, топло и миризливо како штотуку испечено кравајче. Летаа глуварки како ангели над бескрајните полиња со жито, булки и детелина… Шлапкавме по летните дождови додека од небото се смешкаше божилак над нашето босоного детство. Животот е најголемиот и најубавиот подарок што сме го добиле. Во таа чест Цанко Курбла наздрави со дупла „препеченица“ и ние повторно се смеевме, кикотевме, грголевме… 

Да. Се случуваат. А најголемото чудо е  д у ш а т а.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНААМБИЦИОЗНИ ЛУЃЕ
СЛЕДНА СОДРЖИНАНАЈДОЛГАТА НОЌ НА МИШЕЛ

СЛИЧНИ СТОРИИ