fbpx

ПАЦЕРИ И МАЈСТОРИ

24.10.2020

Шаховски кажано, пацерот (аматерот) прво го мрднува потегот, а дури после размислува! Мајсторот прво размислува и после го мрднува потегот. Или, откако ќе увиди дека нема шанси за победа, не продолжува да игра туку му ја честита победата на противникот. Пацерот е упорен и продолжува да игра „до гол крал”, малтретирајќи го противникот и околните кибицери. Откако сите ќе ги направи „жива вода” и ќе ја загуби шаховската партија, пацерот наместо да честита, длабоко го замразува противникот и му соопштува дека на среќа добил загубена партија!? Причини за поразот на пацерот има многу, но тој ги издвојува најсуштинските: Столчето му се клати, го јаде забот горе лево тројка, публиката шушка со кесички од бонбони а противникот носи кошула со дреч бои! Башка, „му поклонил” фигура а овој (замисли!) ја лапнал „како поп сарма!” Заради ваквите плачковци измислена е славната српска поговорка: „Рѓавом к…. “ (Има врска со еден орган, длаки и „сметњи“).

Причините за својот пораз мајсторот не ги бара никаде, освен во себе. Седнува и учи варијанти сѐ додека не ги научи. Откако теоретски сериозно ќе се подготви, продолжува да игра со рамноправни или посилни птотивници од себе. Пацерот откако ќе загуби, насекаде бара послаби противници од себе, за да го смири своето рането его, без кое не може ни носот да си го избрише! Жртвите ги наоѓа пред зграда, по паркови и пензионерски домови. Вооружен со одмазнички планови и садизам достоен дури и за маркизот Де Сад, пацерот им скратил барем по една пензија на своите противници пензионери и го зголемил профитот на локалното погребално претпријатие! Еве ја животната филозофија на еден врвен пацер: „Јас секогаш барам послаби противници од себе, кои ептен многу се нервираат кога ќе загубат. Тоа ми е послатко и од тулумба!”   

За жал, освен во шахот, пацерите се помноугубројни од мајсторите и во сите други области. Најгусто се населени во политиката. Во Англија потешко е да станеш таксист отколку во многу држави академик! Во Македонија полесно е да станеш министер, премиер или претседател, отколку во Англија обичен полицаец! Покрај многуте услови, славниот „боби” мора да ја задоволи и графата за одредена висина и доколку е малку понизок од предвидениот стандард, може да добие полициска униформа, но само за маскенбал! Да се вратиме кај „нашиве”. Пацерот зборува многу и гласно. Мајсторот тивко и малку. Пацерот се кара со сите. Мајсторот само со себе. Пацерот мисли дека знае сѐ. Мајсторот постојано учи. Пацерот може да изброи до 20, само ако ги соблече чорапите. Мајсторот не брои прсти, тој брои ѕвезди… 

Навистина не сум среќен кога ги напуштам моите маалски љубовни приказни и пишувам за актуелни настани. Но изгледа дека мора да се пишува, затоа што пацерите немаат милост! Тие се духовен плевел кој постојано го задушува нашиот животен простор. Старата парола „пролетери од сите земји обединете се”, ја реформираа и сега гласи „пацери од сите страни здружете се!” Пред извесно време еден врвен пацер (на кого „политичката кариерата не му паднала од небо”) ја даде својата антологиска изјава и замина во легендите. На прашањето дали е кодош, завалијата без око да му трепне и мува да го полази, проглаголи елоквентно: „Законот е карикатура, а и државата е карикатура!”

Па да, кога тој беше на власт, нашата држава ја прогласија за мис на светот а законите за први придружнички. Насекаде течеше мед и млеко, а гладуваа само тие што беа на диета! Ова е класична сцена која постојано нѝ се повторува, само „глумците“ се менуваат. Кога тие не се на власт сѐ е карикатура, а кога се на власт сѐ е сува лепота! 

Пред многу години, германската марка беше посилна од сите европски валути. Германците патуваа низ цела Европа и агресивно ја демонстрираа својата моќ. Ждереа, се пијанчеа, пееја и се дереа по кафеани и улици, патем купувајќи сѐ и сешто со надменост и безобразлук, тешко издржлив и за најголемите мазохисти. Токму во таа нивна (овој пат) туристичка окупација, на еден ѕид во Лондон, го прочитав графитот: „Крајно време е некој на германците да им соопшти дека ја загубиле втората светска војна!“ Кој да им соопшти било што на нашиве „германци“? 

Јас. Значи, драги наши „германци“. За да победите во фудбал (или што било) не може да чекате противничката екипа да си даде автогол. Мора да се растрчате по тоа ливадата, да запотите мишки и сѐ друго, и постојано да шутирате на противничкиот гол! Плус, да не заборавите на својот гол да поставите голман. По можност, човек што освен грип ќе фати и некоја топка!

За жал, „изгубените германци“ се многубројни и во обичниот народ, познат под научниот термин „проста маса”. Ако работата го создала човекот, тогаш неработата го создала господинот. Затоа нивна омилена парола во социјализмот  беше: „Не може никој толку малку да ме плаќа, колку што јас можам малку да работам”. Сметаат дека ниту една работа нив не ги заслужува. Правилно. Подобро е да си богат и здрав, затоа што кога си сиромашен, џабе ти е што си болен! За нив важи старата народна изрека: „Бара работа-моли бога да не ја најде!“ Докази? Еден од нив се пријавил во заводот за вработување како роб на галија. И бидејќи такво работно место нема…

Има и такви што за пет минути можат да состават влада и фудбалска репрезентација, истовремено! Нивна омилена реплика е : „Море јас да имам власт само 24 саати… “ Многу примероци од народните маси, кои не мрднале ни со прст за својата татковина, постојано бараат многу, веднаш и на тацна. Еден добар дел што немаа трпение да ја чекаат „тацната“, се иселија од Северна, да ми извините на израз, Македонија. Не се проблем тие што се иселија, проблем се тие што останаа! За нив важи апелот: Направете нешто за својата татковина – емигрирајте! Тука се и славните маалски филозофи кои не седат пред гранапче само заради пивото: Цанко Курбла прв ја отвара дискусијата како врата од трезор: „Ако секој народ заслужува таква влада каква што има, кога ќе заслужиме воопшто да ја немаме?“. Ефто КГБ е чувствителен како стоногалка на вакви теми и веднаш упаѓа: „Слушај брат, чичо Ефто нешто да ти каже. Кога изборите би можеле нешто да променат, би ги укинале!“

Некој пие од тага, некој од радост, а јас од сабајле. Се разделив (како  патецот на Добре) од дневната соба и излегов на балкон. На балон сум. Сам. Под услов да не се сметаат оние оси, муви и комарци (неинформирани дека е прскано против нив) и еден љубовен пар гугутки на околните ќерамиди. Секој што барем малку се разбира во вакви исповедни моменти, одобрува прелет на чучулига преку ангелскиот божилак, за лирските потреби на овој текст. И додека палавото сонце ги тркала своите златни обравчиња по околните сртови а темното срце на ноќта ги удира првите тактови со небесното мастило, јас патувам далеку…

Добро е. Жив сум. Се чувствувам како десет другарчиња на излет!

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ