fbpx

ПАТЕЦОТ НА ДОБРЕ

15.7.2020

Еден ден јас и мојот другар Миодраг Милошевиќ – Мице, толку се изнапешачивме што во еден момент моравме да одлучиме: Дали да добиеме проширени вени или проширени хоризонти. Одлуката не беше лесна, но сепак влеговме во првиот објект на кој пишувеше „Ресторан“ и хитно нарачавме неколку пијачки, бидејќи газдата уште на влезот нѝ се пофали дека ќе го реновира „објектот!” Судејќи според изгледот, значи дека секој момент може да налета некој багер а по него и валјак, бидејќи градбата навистина нуди фини идеи за некое такво стратешко решение. И таман кога ги спуштивме котвите на едни столици од времето на првите петолетки, човекот веднаш отвори неколку политички теми (како лути рани) арно ама и ние не сме вчерашни, па затоа културно му соопштивме дека политиката не интересира исто колку и постмодернизмот во делата на младиот Маљевич, додека играме „хант“ во маалскиот клуб „Тафталиџе”. 

Тука загазивме во една тишина како во „академија на науки и уметности“, што значи дека после една цела вечност, завалијата се јави за збор. „Што е тоа маалски клуб?”, прашува со кисела плус иронична насмевка, набилдан за маратонска дискусија. Ај мајката! Значи се друго знае, само уште тоа му останало нерасчистено! Добро. Овде клаваме психолошка пауза заради силен драмски ефект и одговараме: Маалскиот клуб, пријателе на добрата капка, е само повод а причината е сосема друга. Кога излегуваме од дома, ние автоматски ја зголемуваме квадратурата на станот за нашето семејство. Системот се вика „тутуноберачите” и се состои од две фази: Стани си рано наутро, дојди си доцна навечер. И „пабот“ е маалски клуб, само се наоаѓа во Англија. Во тој момент угостителкиот работник загуби волја за друштвен живот, се повлече на другиот крај на „ресторанот”, што во случајов значи на околу 1,5 метар од нас и почна да ја решава својата крстословка, како меѓуетничко прашање.

Бидејќи бевме единствените гости во овој дел на светот, обилно ги користевме погодностите на брзата услуга и ризикувавме уште по неколку пијачки а богами не чекавме долго време ни на првата искрена изјава. Додека сонцето пропаѓаше зад ридот а тишината како ‘рѓа почна да ги нагризува нашите души, некој се извика: „Чувствувам  г о л е м а  носталгија за странство!” Тука и јас дадов свој скромен придонес на темата со следните патриотски зборови: „Мене не ми треба никакво странство за да се чувствувам странец. Доволна ми е Македонија!” После, кога ми кажаа дека и двете изјави биле мои, во истиот момент алхохолот за мене стана минато и јас почнав да ја планирам иднината до… До средата навечер!

Во четвртокот наутро се разбудив жив и здрав и сфатив дека животот е една од најважните работи во нашето секојдневие. Ако ништо друго, ќе  завршиме некоја работа. Ќе каснеме четврт бурек или ќе помогнеме во развојот на филозофската мисла. Така беше и тој ден. Го ставив прстот на стутканото чело и со месеци и години гледав во една точка на хоризонтот но еден ден конечно го решив случајот! Нашата реалност е како трилер. Цело време се сомневаме во секого и сешто а на крајот откриваме дека всушност животот е убиецот!? Не убива пополека, но сигурно… Па што? И така никаде не брзаме. Имаме ние време уште за неколку животи, но за жал суровите закони на природата (барем до овој момент) не се расположени да ги уважат нашите филозофски аргументи.

Како и да е, добро е. Денес е 22 Цутар (Март) 1958 година. Јас сум дете и мене ми е роденден! Си седам дома и си гледам низ прозорецот. Првите кокичиња на Водно веќе одамна го фрлиле зимскиот јорган, пупките во крошните бабрат како млади девојки, небото е како тегла мармалад, врие крвта во жилите на првите багреми, липи и костени, сите птици и зајаци се стокмиле и излегуваат на прошетка со своите најблиски, од топлата и добра земја ‘рти детелина и жито а сонцето ги праќа своите дијамантски погледи по околните сртови, стреи и тараби…

Така почнува сезоната на маалскиот живот во нашите питоми улички и дворови преполни со нане, шебој, здравец, магдонос, капидан, џунџуле, јорговани, рози,  зумбули, темјанушки… Море има тука и мушмули, дуњи, кајсии, капини, рибизли и малини… Имаше и долги седенки пред порти се до 19 часот а после сите трчавме дома и седнувавме до најголемото чудо на техниката во тоа време радиото, за да ја слушаме емисијата „101 приказна!” Беа тоа времиња кога беше срамота да се зборува за пари, кариера, и слични глупости. Татко ми палеше на чибук половина цигара „Нишка морава” за да може после да ми уплати летување во некое синдикално или феријално летувалиште…  

Знам, понекогаш ми се мешаат времињата, но сега е добро. Денес е 22 Цутар (Март) 1958 година и баба ми рече дека тоа е ден на 40-те свети маченици во Севастија а мајка ми додаде дека денес се и Младенци, а мама и баба никогаш не лажат, освен за теглите со слатко! Имам 6 години и гледам во дворот. Тетка Марија долги години не можела да има деца, но еден ден дедо Господ и подари бебе кое го крстија Добре за да биде добар жив и здрав со своите пеги, чпртав нос и наклапушени уши и безгрижно да си јаде леб и маст со црвен пипер додека  шлапка бос по летниот дожд. Секоја сабота по редовниот термин за капење, бевме сведоци на ваков ритуал: На среде дворот, на едно столче седнува Добре и не трепка.  Доаѓа  мајка му Марија со едно лонче вода, шеќер и штрбав чешел, и со бескрајна љубов почнува да му ја чешла косата. После Добре се појавува на улица со најпрецизниот патец на средината на својата глава! По цел ден со рацете ги ишкаше мувите и останатите летечки објекти што му слетуваа на главата со шеќер, но во ниту еден момент не престана да биде горд на својата славна фризура.

Тогаш ја сафатив првата голема животна вистина. Во животот се има своја цена.

Во тоа време игравме безброј игри но едната посебно не возбудуваше. Ќе се качевме на некоја височинка и скокавме со отворен чадор замислувајќи си дека сме падобранци. И бидејќи имавме бујна фантазија, ние навистина долго време летавме со чадорот пред да ја допреме тврдата земја. Еден ден се качивме на највисокиот балкон и почнавме да скокаме со оние глупави чадори. Добре скокаше последен. Зема залет, се затрча и… Само видовме како неговиот патец се раздели на онаа проклета железна ограда од подолниот кат и… Другиот ден врнеше сто години дожд, додека ние (дваесеттина деца од нашето маало) се туткавме до болничкиот кревет на нашето другарче Добре. Од купот завои се ѕиркаа само едни замаглени и исплашени очи кои воопшто не ги препознаваа своите другарчиња!? Плачевме долго и гласно а после не однесоа дома, но таа ноќ никој од нас не успеа да заспие.

По некое време го донесоа Добре дома, но тој постојано стоеше на прозорецот загледан некаде далеку во себе. Цело маало собираше пари и се молеше операцијата во странство да успее. После неговите родители секој ден го носеа на некакви вежби за говор, движење… Редовно одеа во цркви и кај бајачки, а еден ден се иселија и ние никогаш повеќе не ги видовме. Поминаа оттогаш доста години, се случија многу настани и се направија безброј фризури, но никој пред тоа и никој после тоа не успеа да направи таков патец каков што беше патецот на Добре!

Во четвртокот наутро на 9 Јануари 2003 година панично му јавив на домашниот електричар дека инсталацијата на бојлерот гори а тој ме смири со ветувањето дека ќе намине на 13 Јануари за да го изгаснеме огнот а за после ќе видиме! После јас се јавив на првиот број од „Огласи” и набргу дојде еден питом и молчалив човек, ја заврши работата, касна едно слатко од дуњи со обична вода и тргна да си оди, а кога го прашав колку треба да платам, тој се збуни и застана, малку се замисли и откако се присети на нешто, ми одговори: „Не треба ништо. Ти ми ги остави сите твои стрипови додека лежев во онаа болница кога ми ја сошија главата!”

Ме поздрави тивко и го одесе својот патец во зимскиот пејсаж, кој во тие мигови не го заслужуваше неговиот лесен и сигурен чекор!  

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ