fbpx

О ПРОКЛЕТА ДА СИ ДЕТЕЛИНО СО ЧЕТИРИ ЛИСТА

24.10.2020

„Ако ми е таква судбината, ќе паднам и ќе се скршам”. – Ескимска народна поговорка

(Инспирирано од мојот пријател Момо Капор)

Овој текст е продолжение на приказната „Дамите бираат”. Еве ја омразената кратка содржина: На игранката во салата на фабриката „Треска” сите стоиме и чекаме да ни се приближи прекрасната Меглена но таа го одбра Пеце Шиник кој само што тргна накај дома на бубање, за да ја поправел четворката по математика!? И додека ние кљамчевме како мисири, тие го одиграа најдолгото танго на сите времиња, залепени како лепчиња на тостер. После ние се тешевме „Кај Апче” со боза, а тие на најмрачната клупа во градскиот парк („трет дел!“) со… 

Часовите по фискултура беа омилени само затоа што беа мало бекство. Особено од тестот по математика, шкрабањето хемиски формули за сапуни и рецитирањето на патриотски песни, во кои Германците гинат како муви на лепак (иако се далеку помногубројни и подобро вооружени од нас!) а ние носиме пароли по паради. Тоа беа главните предности на часовите по „физичко воспитување”. Се друго беше чиста катастрофа.

Наредени во оние црни сатенски шорцеви личевме на грисини во чаша. Нигде ни трага ни глас од мускули. Само расфрлани „бубуљици” (повторно „нејебици”) и правливи патики неколку броја поголеми, заради каприцот на нашите браќа и сестри да се родат пред нас. На другата страна, девојчињата во своите трикоа најавуваа дека еден ден ќе носат градник, но тој ден нам ни изгледаше безнадежно далечен.  

Фискултурната сала е модерна верзија на инквизиторските сали за мачење. Наставниците по фискултура беа луѓе чија крајна цел во животот им беше еден ден да станат професионални џелати. Со она хистерично свирче и  паролата „во здраво тело здрав дух”, не прогонуваа по проклетата сала викајќи: „Ајде токмак, мрдни малку, вовлечи стомак, мореее… за вакви како вас само работна акција…!”

Како може да биде нормално и здраво да правиш „згрчка”, „разношка”, „мечкин скок” и „прекопит?” Такви движења во нормалниот живот не постојат! Работното место роб на галија изгледа далеку подостоинствено отколку она чепатење, оптегнување и валкање по онаа „струњача”. Бесењето по она вратило наместо да ја зголеми нашата мускулатура, ги намали посетите во зоолошката градина. Избегаваме метафори, но гужвата за лепчиња на големиот одмор изгледаше како нирвана, кога ќе се спореди со фискултурната соблекувална. Таму секој секого надвикува и го бутка со испотена мишка која мирисот на мртво бафало го правеше луксузен парфем. 

И на крајот дојде редот и на оние „карики” што висеа како бесилки од покривот на салата. Пред нив стои Пеце Шиник и ги гледа како душмани. (Заборавивме да кажеме дека токму тој ден на часот по фискултура во нашиот клас се префрли прекрасната Меглена!) Откако зема воздух за три подморници, Пеце се испентари на кариките. Стоеше така распнат помеѓу паркетот и небото цела една вечност, а можеби и повеќе. Класична пат ситуација. Никако не успеваше да го изведе оној последен „трзај”, а уште помалку достоинствено да се врати во првобитната положба. И додека ја гледаше својата Меглена наопаку, неговиот шорц се распара по целата должина на неговиот задник и предизвика најмасовно и најгласно смеење во овој дел на светот. Помодрените од болка прсти сами од себе се отворија и Пеце тресна како џак со цемент пред нозете на прекрасната Меглена!    

Што се случи после? После никој не сакаше да се заколне во мајка дека ја знае вистинската верзија на настанот. Кружеа многу приказни, но сите од нив барем со еден свој дел се судираа со основните закони на нашиот марксистички поглед на светот. Едно беше сосема сигурно: Таа вечер во Тафталиџе никој од нас не успеа да заспие. (Тука ги сметам и сите останати џукели во форма на куче, маче, кокошка и разна друга стока) Стоевме подзинати во ноќниот катран и немо гледавме угоре. Од бескрајното небесно индиго, пополека како глуварки паѓаа милијарди ѕвезди врз околните стреи, дворови и нашите разбушавени тимби.

Според тврдењето на нашиот сликар Тодорче Атанасов – Тозо, таа ноќ всушност се создале вистинските слики на Бројгел, Шагал и Дали. Нашиот званичен филозоф Цанко Курбла сметаше дека Пеце Шиник, додека висеше залепен на оние „карики”, конечно сфатил дека никогаш нема да успее да побегне од оваа сива и сурова паланка. Неговиот долг пад во бескрајната празнина кон паркетот, само го потврдил неговиот страв.   

Беше 21 Цутар (Март) 1986 година. Рано сабајле, дури и за првите петли. Пеце стоеше сам. Среде младата и росна детелина со четири листа. Едно ветре како воздишка на гугутка ги разбранува долгите коси на околните брези. Никаков звук. Освен тропањето на неговото детско срце. Ех…  да имаше барем некое килце повеќе месо, ќе успееше да го изведе оној завршен „трзај” на проклетите карики. Сега е веќе доцна за сѐ. Кога првото сончево злато почна да се топи на неговите модринки, Пеце ја здогледа својата судбина. Личеше на стара патика „шангајка”, заборавена во мемлив подрум. 

Падна и се скрши. 

Тогаш се случи неверојатно чудо! Детелината околу него почна да расте во невидени димензии. Околните тополи покрај неа почнаа да личат на марулки, додека небото го превртуваше својот стомак над нашето заспано маало. Трчавме со денови и ноќи на сите страни за да го најдеме и да му се извиниме за она наше хистерично церекање кога неговите несугрни години се залепија за оној паркет. Но од Пеце останаа само двете патики и оној црн шорц во треперливите раце баба Васка.

Поминаа многу долги години  и уште повеќе секунди. На нашата последна годишнина на матурската вечер, моравме да викаме погласно и да си покажуваме особени знаци, тетоважи, бемки и лузни, за да можеме да се препознаеме. Во некои случаи беше неопходна и лична карта. Додека оркестарот лигавеше евергрини од „наше време”, ние водевме жива дискусија за реума, катаракта и вилица „пасент”!     

Само Пеце остана истиот копиљ. Млад, убав и добар.

За сите времиња.

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАПАЦЕРИ И МАЈСТОРИ
СЛЕДНА СОДРЖИНАСОЦИЈАЛИСТИЧКИ ШИЗИЦИ

СЛИЧНИ СТОРИИ