fbpx

ОЛДИ

29.11.2020

Тие што мислат дека ретко читам, грешат. Воопшто не читам. Порано, на неколку месеци редовно купував некој независен весник (додуша само такви ги има!) и седнував во берберницата „Боше”. Берберниците и кафеаните (покрај такси возилата) се единствените места каде што можете со сигурност да проверите некоја информација. Локалните алапачи се вон конкуренција, a славните портпароли се вон… нешто друго. Најпрво го прочитав хороскопот за да знам дали таа вечер да излезам во ноќниот клуб „Џубокс” или „да бројам овци”. Библиотеките ги одбегнувам, од практични причини. Дома поудобно се спие.

Јас сум овен во хороскоп и очекувам тој факт да се респектира. Така и беше. За љубов ми пишуваше дека ме очекува „страсна авантура”. За работа, „блескава кариера”. Во графата „здравје” погледнав површно и формално. Таму имаше само една реченица: „повеќе течности”. Подоцнежните настани (уште еднаш) покажаа дека во медиумите, хороскопот е најблиску до вистината. Цела вечер, се отепав од пиење „течности!“

Втората вест ми отвори перспективи. Ми разбистри хоризонти. Ја разбуди во мене страста за животно планирање. И конечно, ја зацврсти патриотската идеја водилка да останам на роднава грутка, барем наредните педесет години! Еве што прочитав: Научниците откриле дека сите луѓе во просек користат само десет проценти од својот мозок! И бидејќи и македонските политичари (барем формално) спаѓаат во луѓе, правилото важи и за нив. Ова е навистина една од ретките добри вести. Замислете што би се случило кога  битангите  би користеле сто проценти од својот мозок!? Ќе се најдеме во ситуација, после која  секој ураган ќе нѝ изгледа како обично ветре развигорче.

Се будиш еден ден и во огледалото пред себе наместо добро познатиот прекрасен лик, забележуваш ментална хиена, питбул или пирана, во најдобар случај. Во такви драмски моменти добиваме тежок напад на инспирација и веднаш седнуваме пред компјутерот.  Ги сечеме зборовите а тие крвават како јариња пред Велигден, Ѓурѓовден, Бајрам… Пискаат и офкаат („од Галичник до Река”) согласки, самаогласки и интерпункциски знаци под налетот на нашата нарцисоидност, суета, дрчност и… и уште еднаш нарцисоидност!

Има уште. Јас воопшто не живеам овде. Не се викам така како што се викам. Немам толку години колку што имам. Не изгледам вака како што изгледам. Носам маска. Навечер, пред да си легнам ја симнувам маската но… Под неа се појавува втора, трета… триесет и шеста…  И додека очајнички ги кинам невидливите маски од моето лице, ноќта го истура врз мене најцрниот катран од бурето на бескрајната вселена. Заспивам, заспивам, навистина заспивам, како столетен даб во книгите на Гогољ, Чехов и Достоевски…

Се будам рано сабајле како диносаурус во цртаните филмови што ни ги прикажуваа во пионерскиот дом Карпош, тогаш сместен во нашето маало Тафталиџе. Чуден сон. Сум сонувал дека сум многу постар. Купувам весник, влегувам во некаква берберница „Боше”, читам хороскоп и… Во цело маало почнаа да ѕвонат будилници! Нашите мајки, татковци, баби, дедовци, браќа, сестри и понекој беден роднина, гласно ги извикуваат нашите имиња додека ние се преправаме дека спиеме. Конечно сум буден.

Денес е понеделник 1 Гроздобер (септември) 1963 година, ден на светите маченици Адријан и Наталија. Останатите маченици се во школските клупи. Тоа сме ние, копиљаците од Тафталиџе, Колонија, Дебар маало…  Заробени во  основните училишта Владо Тасески и 29 Ноември, сместени во истата зграда. Седиме во училниците како робови на галија и гледаме во тоа таблата со чувство на човек кој штотуку открил мува во чашата со матеница и болва во својата чорапа.

Кога Сенада прв пат се појави во нашиот школски двор, Аце во истиот миг падна како пупунец од оградата на која што дремеше. Беше тоа љубов на прв, втор и секој друг поглед! С е н а д а  К р е с о. Звучеше како „прпл хејз”, „еленор ригби” и “блу велевет”, истовремено. Лице со кожа од алабастер, очи со најдлабокото синило на скандинавските фјордови и црвенкаста коса која слободно се брануваше на сите страни а најмногу на страната на Аце! Татко ѝ Мехо беше војно лице кое добило „прекоманда” од Сараево во Скопје. Во слободното време играше шах, го читаше Ленин и му се обраќаше на другарот Тито, чија фотографија во природна големина ја красеше неговата работна соба. Нејзината мајка Мерсиха како и секоја „официрка” во тоа време, не одеше на работа, читаше „Базар” и го обожаваше Миќа Орловиќ.    

Едната смена Аце ја поминуваше во своето школо, а во другата ја чекаше Сенада пред часови, на сите одмори и после часови. Практично, одеше дома само за спиење иако после дознавме дека воопшто не спиел! Еден ден најдовме стар железен кревет и за заебанција го донесовме во школскиот двор пред „мртвата стража”, позната под името Аце. „Слушај, не мора да губиш време дома за спиење”. Аце мртов ладен лежерно се оптегна на креветот и културно и елоквентно нѝ  се обрати: „Ф а л а”.

Веднаш и под хитно се одржаа наставнички совети, родителски средби, разговори со психолози и директори, а богами и Мехо го репетираше својот службен пиштол, марка: берета, „за сваки случај”. Ништо не помогна. Аце и Сенада ги соборија сите светски рекорди на љубовните романчиња во продолженија. Еден ден мајорот Мехо повторно доби „прекоманда”. Како што се појави ненадејно, така и исчезна прекрасната Сенада од животот на Аце и нашиот школски двор. Тој ден Аце престана да зборува. 

Многу светски лекари, научници, бајачки и јасновидци се обидоа да го објаснат тој неверојатен феномен, но никој не успеа. На Аце немаше никаква физичка или психичка промена. Аце беше истиот тој Аце, само што не зборуваше. Времето е најголемиот лекар и ние полека почнавме да свикнуваме на неговата тишина.

Еден ден дојде и летото. Сите сме на Руска плажа. Играме „олди”. Аце седи сам на брегот и гледа некаде далеку над нашите глави. (Олди е брканица во вода. Еден брка а сите останати му викаат „олди” и нуркаат под водата) Кога едно јато гаврани го исцрни небото над Скопје, Аце влезе во брзаците на Вардар со насмевка на човек кој конечно решил да соопшти некоја многу важна вест. Кога водата го допре неговото грло, Аце застана, нѐ изгледа сите, крикна на сиот глас „олдиии… “, нурна во реката и никогаш повеќе не се појави!

Дома сме. Стуткани околу ѓаволската кутија и не дишиме. „Зборува радио Скопје… Зборува радио Скопје… Денес е 16 ноември 1962 година… Водостојот на реката Вардар сѐ повеќе се зголемува… Зборува радио Скопје… Зборува радио Скопје… Реката Вардар го поплави Скопје! A нас нѐ поплави бескрајна тага во која тоневме како бродот „Титаник“, додека јато ангели го изведуваа небесниот реквием само за нас…   

Беа тоа времиња кога маалските дворови испуштаа миризливи воздишки на рузмарин, магдонос, нане, шимшир и шебој… Небото над Скопје беше топло и нежно како мајчино млеко…

Вистинското име на Аце беше Аце. Ние нагалено го викавме Александар.

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАСАМОУБИСТВО ВО А-МОЛ
СЛЕДНА СОДРЖИНАМЕСЕЧИНА ОД ХАРТИЈА

СЛИЧНИ СТОРИИ