fbpx

НАЈДОЛГАТА НОЌ НА МИШЕЛ

06.5.2021

Од оваа килава историска дистанца и најголемите скептици признаваат дека 1971 година може да се пофали со многу важни настани. Ние обичните смртници, само со неколку. Таа година направив сефте. Прв пат „се избричив”. Наводниците околу глаголот воопшто не се случајни. Тоа беа само неколку влакна под носот и на брадата, кои можев да ги решам доколку застанев на некоја посилна промаја. Првото бричење за секој приправник тинејџер е антологиски настан. Тоа е прв сериозен чекор во долгата процедура за станување  м а ж. Особено ако се земе предвид фактот дека во „старите добри времиња” женските (пред да потпишеш во матично) не ти даваа да ги пипнеш за колено а камоли за некое друго „стратешко” место. Додатна пречка во нашиот еротски развој беа и роднинските врски на нашите женски. Сите тие (како за инает!) имаа браќа. Едни педантни чувари, што сметаа дека најголем срам на светов е некој да им ја „онади” сестрата!

Сцената е чиста класика. Си шеташ со женската на корзо и полека ја завлекуваш накај парк. „Третиот дел” е крајната цел. Не било пишано. Таман кога си стапнал на првата зелена површина, чувствуваш  како некој ти диши во вратот! Не мора да се вртиш. Зад тебе стражари братот на твојата женска кој (како и секоја глуперда) работите ги сфаќа буквално: „Постојано да внимаваш некој да не ја упропасти сестра ти!” Науката одамна докажа дека тогаш се јави пцовката „да тибам сестрата“, иако и останатите роднини не се исклучени. 

Таа 1971 година на капиталистички телевизии премиерно беше прикажан филмот „Бен Хур”. На нашата  социјалистичка ТВ гледавме поголеми спектакли. Ударниците натфрлаа норми со колички и крампови. Селаните со српови и коси хараа по терените со жито и детелина. Работниците не престануваа да удираат со чеканите, инспирирани од уметничкото дело „Како се калеше челикот”. А „интелектуалците?“ Ај да не бидеме вулгарни. Во 1971 година се одржа првиот бокс-меч помеѓу Џо Фрејзер и Мохамед Али, поранешен Касиус Клеј. Од сите страни ечеше чудесната хит песна „Имејџен”. Умре Џим Морисон. Умре Луис Армстронг. А и јас не се чувствував баш најдобро. Дали случајно или поради некоја симболика, Тоде во таа 1971 година ја напушти Македонија истовремено кога Џон Ленон засекогаш ја напушти Англија!

Ние што останавме во Скопје, собиравме пари, вреќи за спиење и колекција конзерви, „јетрена паштета“, „месни нарезак“ и други специјалитети на брендот „Гавриловиќ“. Така комплетно опремени тргнуваме на море. На море сме. Тоа најчесто беше Улцињ со својата „Велика плажа”. Заради синдикалните цени и ситниот песок. Летувалец што берем еднаш не се закопал комплетно во песок, џабе си го трошел времето. Ако од сончање не излупил барем еднаш кожа или не нафрлил неколку килца, се сметаше дека воопшто и не бил на летување. 

Стигнавме во Сабота сабајле. Јас, Петре и Злате. Додека ги пишувам овие редови (иако од тогаш поминаа многу долги години) се уште не можам да поверувам дека тоа навистина се случи! Едноставно, јас имам некои сосема поинаки визии за мојот народ. Седиме значи на „Велика плажа” и правиме панорамски снимки на теренот. Една група французинки весело играат одбојка додека околу нас се тркала она нивно „р”. Не сме некои „суруши”, ама ваквите друштвени игри со топка во комбинација со бикини-минималки, се одличен материјал и за свештеник што тргнал на исповед!

Во еден момент нивната топка се стркала до нозете на Злате и неговите славни нокти инспирирани од поемата „Т’га за југ”. Тој со манир на офицер и џентлмен и ја подава топката на едната од девојките, за која после дознавме дека се вика Мишел и дека останува уште само два дена. И сега пази овде: Попладето одат на плажа. Вечерта излегуваат заедно. Другиот ден Злате не ја ни погледнува Мишел, делумно и поради технички причини. Се закопал во тоа песокот и само очите му се гледаат, ама и тие затворени. Морбидна глетка, во секој случај.  Мишел доаѓа до него и се обидува да го откопа, но веднаш се откажува откако нашиов „мачо” зачкртува со забите!

Девојката простодушно и зачудено прашува: „Во што е проблемот?” Нема никаков проблем, мадам. Ова е класичен судир на цивилизации. Вие сте од Париз, а наш Злате е од населбата „Пролеќе”. Каква врска има тоа со…? Никаква. Затоа случајов не може да се објасни. Вечерта кљамчиме пред шаторското крило и се мачкаме со кисело млеко, да залечиме изгореници од сончањето. Никогаш не ја сфатив трката кој поцрн ќе се врати во Скопје, иако и јас учествував! Уште истата вечер брзавме накај корзо за да го прошетаме нашиот тен крека – ќумур, помеѓу бледоликите корзаџии. Како што беше обичај, го прашуваме Злате дали Мишел има другарки, за да евентуално јас и Петре… Ама џукелата пресече дека решил „да не попушта!” Што да не попушта, само Злате и господ знаат. На другата страна шлапкаа брановите под дијамантското небо, додека длабоко во ноќта Мишел ги трошеше последните резерви коњак и „житан” цигари, постојано прашувајќи се „што се случува!?”

Тоа беше најдолгата ноќ на Мишел.

Кога ќе размислиш подобро, Злате беше уметник без да знае.  Завалијата изведе голем драматуршки зафат. Невиден. Приказна што бара многу повеќе време и простор, тој ја смести во само три дена! Запозна женска сабајле, одеше со неа едно попладне, вечерта се скара, другиот ден  тотално ја игнорира, третиот ден сабајле се смирува и на пладне ја испраќа за Париз! Голема љубовна романса, со минимум арчови. Само врвен маѓионичар може во еден куфер да спакува, точак, кауч, зајак, гулаб, ѕиври и слон!

Каква е ситуацијата денес? Бидете си раат. Спијте си без гаќи. Имаме ние кадри што и за многу пократко време можат да направат уште поголеми чуда. И прават! А патриотизмот? Напредува. Злате не зборува со Петре. Јас не зборувам со Злате. А Петре не зборува со мене!

Ќе има уште безброј лета, бикини-минималки, топки и песок. Само нас ќе не нема. Добро. И бесмртноста има свои предности.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ