fbpx

МЕСЕЧИНА ОД ХАРТИЈА

12.8.2020

Кога во 1969 година рано сабајле (по ладот) Нил Армстронг ја паркира својата крнтија „Аполо – 11” во една лонџа на месечината, се разви жива дискусија. Колку жива? Па богами тој ден испочитувавме едно осум (цирка девет) гајби пиво, па сега ти види. Башка билначе ж’та ракија, која во други држави се користи исклучиво како хемиско орујже. Тоа беа времиња кога можевме слободно да дискутираме за сите предности на комунизмот, во однос на капитализмот. Таа наша фина привилегија, го направи настанот уште пошокантен.

Кога во еден момент дискусијата заглави како македонски пoлитичар среде мисловна реченица, збор зема Цанко Курбла. Прибидејќи беше најискусен, и прибидејќи тогаш беше сѐ уште жив! Откако значајно се накашла, залепи шлајм на тараба, дигна гајтан веѓа, набрчка чело интелигентно и зема воздух од пола маало, конечно нѐ удостои со „своето видување на настанот”: Море да тибам судбината, да тибам! Ја не можам да отидам до Јурумлери да си ја видам балд’зката, а џукелата шета по месечината како по Џафте корзо! Што прават бе и тие Руси, да му се сневиди!? Ц! Ц! Ц! Ја згазна месечината, чоече!?“

Според една друга верзија, Американецот не бил првиот човек што се појавил на месечината. Пред него пристигнал некој Босанец, како што се уверивме подоцна откако внимателно ја преслушавме касетата од која ечеше: „Мујо кујееее… коња на мјесецууу… !” Сепак, третата верзија беше најубедлива. Според исказот на Ефто „КГБ”, целата работа била еден обичен филмски трик. Американците го снимиле „настанот” во некое холивудско студио само за да ги нервираат Русите! Затоа што „тоа било најглавно во секоја психолошка и ладна војна”.

Како и да е, што и да е, после тоа ништо не беше како порано.  Кучињата почнаа да лајат на месечината. Децата да мочаат во сон. Моравме да повикаме засилување на две бајачки дури од Драчево! Има уште. Гиго „Данте” се повлече во себе. Тоа значеше дека сите  изведби на поетските работи врз неговата последна збирка се одложени, додека случајот не се расчисти. Рабирливо. Во секоја негова песна светкаше месечина, но после онаа вселенска екскурзија и Карла Дел Понте стекна право да изгледа романтично! Во таа иста 1969 година кога месечината го загуби својот „јунфер”, Столе „Мисир” прв пат и стегна заушка на својата Верче! Затоа што сметаше дека сега е ослободен од обврската да биде романтичен,  но и поради фактот дека престана да биде домазет.

Есента нѐ напушти тивко и без поздрав. Така направи и Брајан Џонс. Отиде на градските гробишта и никогаш повеќе не се врати.

Кога ќе кивнеше првото тибетско говетче во зоолошка, сребрени чипки од мразулци ќе ги закитеа околните стреи а „хладњакот” од фичото на Цанко ќе заличеше на поларно мече, почнуваа зимските швалерски муабети. Не за сите, разбира се. За многумина тука и завршуваа. Поради технички причини. Тие што во таа цибрина беа принудени да се дружат со својата реума, мораа да се задоволат со статусот „теоретски швалер”. Нормално. Која црна женска ќе кандиса да прилегне на каучот до тебе, ако те види со загреана керамитка (или цигла) на колено или стапало? Ни фаца на Рудолф Валентино не те пере ако си згмечил термофор на слабини.

Зошто овие маалски дискусии никогаш не беа  признати како „дебати”, „воркшопови” или „панел” дискусии? Затоа што тогаш секој сам си ја плаќаше пијачката! Според едните, тоа е и единствената мана на овие собири. Според другите, таа финансиска независност им овозможува на дискутантите да си кажат сѐ што им лежи на срце, а тоа воопшто не е малку. Овие маалски состаноци практично беа првите и последните вистински невладини организации. Ниту една влада нема поим дека тие луѓе воопшто постојат!

На една таква традиционална маалска трибина се постави прашањето за избор на женска, во зимски услови. Откако се искажаа сите Казанови од Тафталиџе и еден гостин од Колонија,  Цанко зема збор. Прибидејќи е авторитет, и прибидејќи се дискутираше кај него дома. Како почитувач на барокни форми во женската архитектура или народски кажано љубител на „чиста кртина”, Цанко пред ценетиот скуп се обрати со следните гурмански зборови: „Женска се бира во зима. Ако преку капутче покаже конкавни особини, тогаш… “

Човечката судбина знае понекогаш да биде иронична. Кога се работи за Цанко, таа е многу поредовна. Уште на првата игранка во  „Треска”, Цанко се залепи за една Мариче како кец на десетка! Се затреска во момичката и ги стави во  очај сите, а особено писателите кои се немоќни да опишат таква љубов! Неговиот случај (уште еднаш) покажа колку е безнадежно длабока бездната помеѓу теоријата и праксата. Женскиот изглед опеан во народните песни со стихот „таа рамна снага…”, Мариче одамна го надминала. Затоа што беше првата Твиги на Балканот. Од тие причини не смееше да застане до грисини, за да не ја помешаат! Кога ќе каснеше маслинка, сите мислеа дека е трудна! Во кафич мораше да влезе неколку пати за да ја забележат дека влегла. Изгледаше како сколпен чадор, но вистинската љубов не познава никакви граници.

После игранката, Цанко и Мариче седнале во една росна ливада со млада детелина во најѕвездената ноќ и долго роматичареле… Тоа  во пракса значи дека се држеле за рака и во свечена тишина (плус-минус некоја воздишка) со часови зјапалале во месечината. После една цела вечност, Мариче го отворила своето срце како шимшир порти пред закрвавените очи на Цанко (кој никако да се откаже од лошата навика од близу да ја гледа месечината!) и му вели:  „Да ти кажам право,  и месечинава не е тоа што беше!“ Цанко не прашува за цена и други услови. Откако прекорно ја погледнал месечината, нежно  шепнал на увцето на Мариче: „Еден ден, ќе ти донесам нова и поубава месечина!“

Така и бидна.

Еден ден додека чекал автобус во Стокхолм, од уморните гради на Цанко излетал шлајм и се залепил на некоја архитектура до која стоел полицаец кој одамна не бил унапреден. Поради „загадување на еколошката средина, скрнавење на националните богатства и давање отпор при апсење”, Цанко еден период преминал на појачана исхрана.  Во затворот наместо да  резба Ајфелова кула од шпер плоча или да работи за бедна плата во некоја од многуте работилници во „установата”, тој почнал да прави месечина од најубавата хартија во Скандинавија, која му ја донел еден нашинец од Мариово.

После неколку години, со месечината под мишка, Цанко ѕвони на вратата на Мариче во Тафталиџе. Се појавува разбушавена тимба на тип со златен заб, тарзан фризура, истетовиран тенк на левата и лимузина на десната подлактица, напред лево орел во лет а десно сирена, со шкорче во аголот на устата,  долг нокт на малиот прст, златен ланец на „еротски тепих… И откако зачешал мадиња и гласно ждригнал со глас од шпагети филмови, домаќинот прашува: „Шо сакаш бе пријателче?“

Зад него се појавува Мариче со 136 килограми, витлери на глава и машко дете в раце. „Да не сакате да купите месечина?“ – прашува Цанко, не можејќи да поверува дека човек со таков изглед успеал да стане домазет!? Типот влегува во гаражата и се враќа со една хебла…Тука завршува секоја љубовна, па и оваа приказна.

После многу години, Американците го снимија филмот „Месечина од хартија“. Но, веќе беше доцна.за сите, особено за месечината

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАОЛДИ
СЛЕДНА СОДРЖИНАЛЕТНА ИГРА

СЛИЧНИ СТОРИИ