fbpx

МАЛКУ СМРТ ЗА ТВОЈАТА СУЕТА

15.7.2020

Некои настани едноставно не ни дозволуваат да ги заборавиме колку и да се трудиме. Таков е и овој настан. После долги години живот аргатски (“на кантар студен со туч го мерат а можат ли да го измерат?”) успевам пред некој ден да спуштам капаци тешки на очи „чарни” и да заспијам лесно и мирно, како столетен даб во руска литература. Зошто не американска? Таму многу се гине, а јас сум се уште млад.

Заспивам значи така како што заспивам, кога ете ти во едно ниедно време „нешто” почна да ме буди. Нуркам со главата се подлабоко и подлабоко, до самото срце на мојата перница, цврсто решен да не се разбудам и во наредните денови (море и години!) но моите очајнички обиди остануваат залудни прибидејќи „другата страна” е далеку поупорна и јас брзо сфаќам дека животот овде е добар за трагедии и комедии но за планирање на еден обичен мирен сон, ќе мора да се причека на некои „подобри времиња”.  Што всушност се случи?

Некаде околу 4 часот еден хистеричен и пискав женски глас како остра сабја го пресече на половина тоа тивко и питомо летно утро очигледно не штедејќи октави за да извика едно име кое звучеше отприлика вака: „Авраааааам….! Аврааааам….! Истрчуваме сите на балкон во паника и пижами во најразлични бои и дезени и што ќе видиме!? Долу на тротоарот пред нашата социјалистичка зграда стои една непозната женска особа која од поодамна не е во цутот на младоста но испрсила гласачко тело во маичка неколку броја помала, отворила една уста како чорапа, „турира” дијафрагма, гледа крвнички во нашата фасада и жива се дере: „Аврааааам…! Аврааааам….!”

По сто и нешто години државност, навистина не можеме да се пожалиме дека сме немале доволно возбуди но овој настан е посебен случај од повеќе причини од кои едната е чисто патриотска, што значи дека Македонецот и покрај се има право да се изнаспие како човек! Значи, цела зграда (жени, деца, старци…) се туткаме на оние балкони наредени како „пупунци” со разбушавени глави и закрвавени очи и гледаме во онаа непозната жена и нејзините надразнети крајници, свесни дека пред себе имаме опасен и ладнокрвен убиец на нашиот мирен граѓански сон загарантиран со уставен и рамковен, разбира се „договор“.

Во вакви животни драми секогаш најголем драматуршки проблем е фактот дека никој не познава лик кој е носител на таквото име. На последното и упорно извикување на името „Аврам”, еден копиљ од шести балкон се извика: „Да ти го наврам!” и брзо ја дувна дома спонтано најавувајќи ја (пред целата демократска маалска јавност) својата дарба за поезија уште од најмали нозе!

За жал, веднаш се покажа дека жената очигледно нема афинитети кон поезија прибидејќи почна уште погласно и пожестоко да не кара дека имаме  безобразни и невоспитани деца а ние се правдаме со спорите реформи во школството иако патем признаваме дека тука сепак се направени радикални чекори, ако се земат  предвид оние варосувања училници и фарбање огради! На ова критично место важно е да се каже дека извикувањето (на сега веќе славното име „Аврам”) продолжи со несмален интезитет кој ја стави на сериозна проба нашата традиционална издржливост и уште пославна гостопримливост.

Иако од повеќето уметнички правци ние се одлучивме за „рационализам”, емоциите (сами од себе) почнаа да бабрат како тесто за мекици а на балконите веќе почнаа да се забележуваат првите сомнителни движења. Некој стегнал саксиичка во рака, друг вади цигла од фасада, трет вклучил рингла за да загори зејтин, четврт планира следниот месец наместо „зипо” да си купи „зоља…“

И таман кога решивме да ги активираме сите овие (и многу други) оружја за да ја растеретиме државната комисија на следниот попис барем за едно лице помалку, најинтелигентниот станар (така барем се претстави) предложи нашиот благајник да го открие идентитетот на (во моментов најбараната особа) „Аврам” а после сите ние да си влеземе во своите топли домови и да си спиеме среќно и мирно, се до крајот на нашите животи.

Убав план, арно ама според сите досегашни непишани правила, во вакви фолклорни ситуации редовно искрснува уште некој спорен момент. Се вртиме сите накај неговиот балкон но таму имаше се и сешто освен нашиот благајник, кој беше отсутен поради зголемена потрошувачка на седативи бидејќи при последното собирања на пари за одржување на зградата човекот успеал да собере пари единствено од самиот себе, така барем изјави неговата венчана жена која патем најави и негова оставка која ние нормално нема да ја прифатиме, од сосема разбирливи  причини.

“Излегувај надвор ѓубре едно, знам дека си со таа ороспија!” Се извика жената токму во моментот кога една кеса со ѓубре полета од деветтиот кат во нејзиниот правец  а ние (за секој случај) почнавме под око да го меркаме женскиот дел од балконската популација иако во ниту еден момент (жими младост!) не се посомневавме во светлиот и чесен лик на македонската жена, така убаво, пластично и рељефно опишана во македонските драми и останати уметнички состави!

Несреќите и кесите со ѓубре, никогаш не доцнат. Оваа реченица е мој „писателски изум” специјално измислен за оваа жална сцена во која фрлената кеса со ѓубре го заврши својот ѓаволски лет и падна точно врз главата на онаа несреќна жена! Во истиот момент, нејзината грижливо залижана фризура од крајот на педесетите и почетокот на шеесетите години стана минато, барем за догледно време.

Тогаш се случи една скоро теоретска тишина која единствено беше нарушена од нашето слатко кикотење додека влегувавме во нашите „бункери” задоволни од нашата славна победа и затворајќи ги патем сите можни врати, прозорци, брави и неколку преостанати срца. Надвор жената заплака како ранета срна среде пусто и бескрајно поле. Внатре ние излеговме од нашите влечки и влеговме во нашите кревети. Надвор нејзниот беспомошен и болен крик уште долго време трепереше во лепливиот летен воздух. Внатре нашите спијачки капацитети се повеќе го достигнуваа својот креативен зенит. После една цела несфатлива вечност, жената клатејќи се на сите страни конечно потона во далечниот закрвавен хоризонт, како сенка од штотуку откорната бреза. Но тоа во тој (и секој друг) момент беше сосема сеедно и неважно бидејќи ние веќе одамна бевме заспале, како заклани јагниња вратени од извоз. 

И додека сончевите зраци ја плетат првата „шустикла” на денот, палавите птици гризат од небесното синило, денот почнува да ги остри своите заби на околните сртови, и додека се димат и мирисаат штотуку извадените пити бурек а пејсажот почнува да звучи како “фендер стратокастер” во песните на Џими Хендрикс, јас како мисир дремам сам на мојот балкон и пополека, но сигурно, умирам…

Од   с р а м.


Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ