fbpx

ЛЕТНА ИГРА

12.8.2020

Зошто ги сакам старите добри времиња? Затоа што тогаш имав само еден расипан заб, редовно добивав (и праќав!) разгледници и мислев дека „мигрена” е име на некоја холивудска секс бомба! Ги сакам тие времиња затоа што тогаш имаше вистински лета. Што подразбирам јас под „вистинско лето?” Најмалку три работи: Секој да има дезодоранс за под мишки, комунистички годишен одмор и чувство на гуштер оптегнат на морска карпа. Бескрајно дијамантско небо, се подразбира.

Сепак, најмногу ги сакам старите добри времиња заради еден класичен ритуал познат како „масовно прскање со вода”. Што значи тоа? Тоа значи дека ние уште пред многу зими сме сфатиле дека летото не служи само за  кратки панталони, шишање жива ограда и гланцање автомобилот по цел божји ден, само затоа што во моментот нема парламентарни избори или светско првенство во фудбал. Ете затоа сите учествувавме во таа традиционална општонародна веселба, која според мојот скромен литерарен опис изгледаше вака:

Кога небесното индиго ќе ја испушти својата најтопла воздишка врз нашето маало, „цицани хаљини” ќе ги разбрануваат улиците пред нашите зажарени очи, уличните џукели ќе ги испружат јазиците по околните тротоари, првата гајба пиво ќе потоне на дното на Треска, и кога Благојче берберот конечно ќе го изрегулира вентилаторот на тројка, нема никакво сомневање: Л е т о  е. Топло и миризливо. Како штотуку испечено колаче со ванила.

Ги влечкаш апостолките накај дома и патем си свиркаш некое актуелно хитче, а тоа во вакви прилики обавезно е „Ин д самар тајм, вен д ведер из фајн…!” И додека ти пичиш по најкраткиот пат од кино „Карпош” до домашните ќофтиња со пире и оранжада, нешто ладно и мокро ти паѓа врз тимбата со „пратеќи” вокали на кикотење! Ете така почнува. Со првото лонче вода. Го баталуваш ручекот, брзо полниш некој сад со вода и го бркаш копиљот сѐ додека не го направиш „утоп!”

Најголемиот уметнички перформанс „прскање со вода” се случи на 2 Август 1968 година, во Тафталиџе, точно на пладне. Во дворот под црешата седи Цанко, густира „бела кафа” и студиозно прелистува еден од двата единствени весници во тоа време. Од гранката над неговата разбушавена глава, една „штиглица” му ја ремети тешко стекнатата концентрација во која тој едвај некако успеал да искамчи мала предност во интерконтинентални ракети за Русите, на штета на Американците!

Од соседниот двор (додека боцка арпаџик) Цоци ја гасне својата жед за сознанија од светската политика прашувајќи: „Како стоиме Цанко?” Цанко со аналитичен израз, флегматично му дофрла: „Уште три ракети плус и ќе можеме комотно да си ја пееме „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска!”  Л е т о  е. Цоци му приоѓа, му ја потподига јаката на кошулата и му истура на вратот едно бокалче студена вода! Срипува Цанко како попарен и жив се дере: „Жено бргу кофата!” Кога Цанко ќе ја изрече оваа клучна реплика, тогаш прскањето со вода добива димензии на граѓанска војна.

Цанко има двајца браќа и три сестри. Сите истрчуваат со своите роднини до трето колено и почнуваат да полнат тенџериња, кофи, корита… Се трча и се бега на сите страни! Се слуша довикување, врискање и урлање. На крајот веќе никој од никого не бега. Сите стоиме на улица и се смееме, се кикотиме, се грголиме, се клештиме и се церекаме, додека врз главите самите си ја истураме водата. После кротки како бајчиња дремеме во сенките на нашите дворови, додека во рерните се печат првите тиквички, бамји и модри патлиџани…

Никој пред тоа и никој после тоа не успеал да смисли подобра и поефикасна групна терапија, од нашата летна игра. А денес? Каде, кого и со што да прскаме?

Сакајте ги своите непријатели, затоа што пријатели веќе немате!

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАМЕСЕЧИНА ОД ХАРТИЈА
СЛЕДНА СОДРЖИНАКУЛТУРА НА ПОРАЗОТ

СЛИЧНИ СТОРИИ