fbpx

КУЛТУРА НА ПОРАЗОТ

12.8.2020

„Јас ретко правам грешки. Ама кога ќе ги направам, правам ремек дела“ – Македонски политичар

Во држави каде што зенитот на општата култура се одредува според успешното  решавање на крстозбори, а интелектуалната храброст се мери според укажувањата за погрешно закопчаното копче на сакото на вашиот партиски лидер, тешко дека во наредните векови ќе се отвори вистинска дискусија за било што, а камоли за културата. Не можеме толку да чекаме. Плус, во тој период ќе бидеме на студиско патување. Во пеколот или во рајот, зависно од тоа кој за што учел. Таму  ќе докторираме на најразлични вечни теми а едната секогаш ќе биде „за мистеријата на сите наши порази”. И прибидејќи нашите колеги Циклевски и Фројд одамна откриле дека живееме во нарцисоидна и хистерична култура, нашата маленкост ќе постави некои други прашања.

Што е тоа пораз? Според нашето епохално откритие, поразот е победа која некој неправедно нѝ ја одземал. Ова наше универзално правило важи за сите животни сфери а особено за спортот и политиката. Тука редовни кривци се судии, предавста, корупција, кодоши, изневерување на правилата… ситна слана на Килиманџаро и крупен добиток во Тибет! (Има уште причини но тие ќе ги објавиме во наредните томови на собраните дела на Артур Шопенхауер) Епската традиција и долгогодишната пропаганда за нашите „големи работни победи”, направија од нас ментални амали. Подгрбавени од товарот на шампионска психологија, ние поразот го доживуваме како елементарна непогода. Како сообраќајна несреќа за која секогаш другите се виновни.

Зошто упорно се лажеме самите себе? Затоа што на поразот никогаш не му даваме легитимност на дијалектички пар со победата. Тоа е исто како да правите палачинки само со една страна. Или: ќе решите да се помирите со фактот дека сте опозиција, но само под услов да сте на власт! Поразот за нас секогаш е фабричка грешка или глупаво неоразбирање. Вакви феномени се случуваат само во земји со голем резерват на неписмени и уште поголем број на тие што негуваат хронична страст кон нечитање. Затоа во Македонија (пардон, Северна!) имаме политички партии кои секогаш наоѓаат милион причини за својата победа, но ниту една за својот пораз!

Имаме ли ние култура на поразот? Имаме. Тоа е едно забаталено ќоше во кое пируваат сенките на нашите поразени суети со грла полни со клетви, лелеци и пцовки. Секогаш упатени кон поразот – најголемата неправда која само нам ни се случува.  Како успеваат нормални поединци и народи да се соочат со горкиот вкус на поразот? Н о р м а л н о. Во таквите држави интелектуалната елита на нацијата не паѓа во митски фатализам. Тие едноставно на урнатините на својата гордост сеат нова надеж. Нормални луѓе веќе во следниот миг се подготвени да го споделат со сите својот сон и својата драма, која секогаш има два рамноправни  завршетоци: победа и пораз.

Следниот пример е прекрасна парадигма за зрелоста на политичките елити, но и на обичните граѓани. Французите се големи љубители на боксот. Во 1921 година закажан е меч помеѓу нивниот миленик Жорж Карпентер и легендарниот Џек Демпси, пред крвожедната американска публика. Милиони Французи таа ноќ не спијат и ги чекаат авионите опремени со ракети кои треба да им јават за резултатот на мечот. (Лондон имал можност да следи радио пренос од спектакуларниот настан)

И кога сините ракети го распарале париското небо (како договорен сигнал за поразот) во истиот миг и француските срца биле нокаутирани! Тишината во Франција, гласно се слушнала околу рингот во Америка. Што да се прави сега? Галскиот дух нема време за јалови и маратонски дикусии. Уште следниот ден претседателот на Франција Raymond Poincarde лично,  напишал во весниците: „Поразот на Карпентер треба да му го простиме и да го примиме со најголема подготвеност. Тој неуспех не ја обременува нашата иднина и не му пречи на ниту еден Франзузин, како што не му пречи и на самиот Карпентер, да превземе сѐ што е потребно за реванш!”

Во истиот миг, илјадници момчиња почнале секојдневно и жестоко да удираат по боксерската вреќа…

Покрај другото, оваа приказна сака да нѝ каже дека подобро е да бидеме неуспешни во тоа што го сакаме, отколку да бидеме успешни во тоа што го мразиме. Секој тренер ќе ви каже дека само тој што научил да паѓа од коњот, научил јавање. На ова место секогаш ќе се најде некој, што спаѓа во статистичка грешка, што ќе каже: Ако ова е цената на мојот успех, тогаш помил ми е поразот!

Сакате успех преку ноќ? Е за тоа се потребни барем дваесет години. Ви се брза? Тогаш за вас е советот на милијардерот Пол Гети: „Станете рано сабајле, работете вредно и пронајдете нафта!“

Што да се каже на крајот? Кога дедо ми Томе Паговски е зафатен а мене не ми текнува поента, морам да го цитирам Винстон Черчил: “Во војната решителност. Во поразот пркос. Во победата великодушност. Во мирот: добра волја.

Автор: Братислав Димитров


Почнал да пишува колумни уште од 1969-71 година во тогашниот студентски весник „Фокус“, а потоа во „Жена“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Теа модерна“, „Публика“ и „Радио Слободна Македонија…“ Издал пет книги со колумни: „Малку блуз за твојата душа“, „Најважната работа на светот“, „Симни го малку небото за да се качам“, „Последните акорди на тишината“ и „Рецепти за осаменост“. Во подготовка е најновата книга „Дремка за двајца“. Неговите книги се печатат во големи тиражи, а првите две (заедно со Теа модерна) во фантастични 70.000 примероци!


Smart.net.mk е прв онлајн медиум кој ги објавува колумните на Димитров.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАЛЕТНА ИГРА
СЛЕДНА СОДРЖИНАСИМНИ ГО МАЛКУ НЕБОТО ЗА ДА СЕ КАЧАМ

СЛИЧНИ СТОРИИ