fbpx

ИНТЕРВЈУ: КИРЕ СИНАДИНОВСКИ – ДИРЕКТОР НА СКОПСКИОТ МАРАТОН

15.7.2020

Доколку не ни се случеше глобалната пандемија, овој период во центарот на вниманието ќе беше Скопскиот Маратон. Како и сите останати настани, маратонот се одложи, но тоа не е причина да не му посветиме внимание преку интервју со Кире Синадиновски, еден од главните ликови „зад завесата“, директор на маратонот и негов организатор уште од самиот почеток.

Кој е Кире Синадиновски?

Еден поранешен атлетичар, државен првак на 100, 200 и 400 метри, љубител на спортот, посебно атлетиката. Можам да кажам дека доста доцна почнав да се занимавам со атлетика, на мои 16 години, по едно учество на Мали Олимписки Игри за Средни училишта (кои мислам дека веќе долго време не постојат). Во овој спорт се задржав доста долго и на некој начин тоа ми стана и професија. Со атлетиката се изградив како спортист и личност, сум учествувал на многу меѓународни натпревари, но најмногу ќе ги паметам настапите во атлетската Лига на шампиони со мојот клуб, во Истанбул и Атина. Денес можам да кажам дека сум атлетски спортски работник, во еден период бев и член на ИО на АФМ, од 2008 година сум директор на Виз Ер Скопскиот маратон, и од 2010 претседател на АК „Работнички“ од Скопје.

Кога и каде за првпат дојде идејата за (полу)маратон?

Ова многумина не го знаат, првичната идеја да се возобнови маратонот (првите две изданија се одржале 1997 и 1998) доаѓа уште во 2006 година по иницијатива на АК Работнички и тогашниот претседател на клубот д-р Ристо Љапчев, а целата програма и стратегија беше осмислена од мене и Крсте Војнески, но идејата не беше прифатена од тогашната управа во Град Скопје и во тој момент сето тоа пропадна. Но, во 2007 година се случи тогашниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, кој и самиот е маратонец, да се заинтересира дали во Скопје постои маратонска трка, а кога добил одговор од градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, дека немаме маратон, тогаш Фуере ја дал идејата да се организира маратон и дека Канцеларијата на Европската Унија ќе го помогне финансиски. Градот Скопје се сложил и му наложил на Сојузот на спортови на Скопје (кој и до ден денешен е организатор) да ја реализираат оваа идеја.

Како течеше организацијата на првиот (полу)маратон?

Во 2007 бев повикан да се вклучам во организацијата и да помогнам, особено околу техничките детали, пријавите, веб страната, трасирање на патеката, мерење на време и слично. Имавме многу кратко време за организација и нормално без големо искуство. Но со целиот тим имавме голема желба да направиме нешто ново и добро, и секако гледавме и собиравме информации преку интернет од другите маратони како тоа да го изведеме на најдобар можен начин. Бидејќи ни беше прва таква организација не сакавме од почетокот да биде маратонска трка затоа што сметавме дека тоа ќе биде преголем залак за нас, па започнавме со полумаратонска трка, а кога сето тоа помина успешно, решивме од 2008 да стане и маратонска трка и тогаш од страна на Сојузот на спортови на Скопје бев поставен за директор на маратонот.

Секако, како за прв пат увидовме дека некаде сме направиле некои пропусти, но сето тоа веќе беше корегирано во следната година. И тоа до ден  денес е така, неможам да кажам дека „е оваа година беше сé идеално и немаше пропусти“. Секоја година се трудиш да бидеш подобар и да ги надминеш пропустите од претходната година, само така може да имаш напредок.

Која беше крајната цел кога го започнавте овој проект? Дали се надевавте дека ќе прерасне во нешто големо?
Кога го започнавме ова во 2007 година, целта беше да направиме нешто ново, нешто што го има секој поголем град во светот, особено главните градови, а тоа е маратонска трка. Целта ни беше луѓето повеќе да го практикуваат трчањето како спорт за рекреација, да биде промоција за градот, да покажеме дека и ние сме способни да организираме маратон. Но на почетокот не беше се така лесно и убаво. Првите години имаше многу негодување за затворање на улиците низ Скопје, но тоа веќе во последните години не е така. Имавме разни притисоци за мешање во организациските активности, разни кризи но сето тоа го издржавме и успеавме да опстоиме во сите овие години. Сепак, трчањето е начин на живеење, култура на практикување на спортот, за тоа треба време да се промени во нашата средина, и мислам дека преку Виз Ер Скопскиот маратон тоа успеавме да го постигнеме во овие изминати години, можеби бавно, но веќе одредени навики на нашите сограѓани се менуваат.

Видете го Кејот на Вардар, кој е преполн со луѓе кои трчаат. Низ Македонија почнаа да се организираат многу улични трки во разни градови, сетоа тоа е заради она што напорно го работевме во изминатите години и го промовиравме трчањето. Искрено на почетокот не замислувавме дека ќе стигнеме на ова ниво, иако сме го посакувале. Ако во 2007 имавме вкупно 1216 учесници од 16 земји, а во 2019 таа бројка достигна до 12460 вкупно учесници од 59 земји, тогаш можам да кажам дека навистина сме направиле нешто големо, за што сум горд. Виз Ер Скопсиот маратон го издигнавме на светско ниво затоа што не заостануваме многу зад големите маратонски трки, освен во поголемиот број учесници и поголемите буџети. Ова не се само мои зборови и дека ние сакаме да се пофалиме, туку ова ќе го слушнете и од многу странски маратонци и гости кои биле дел од маратонот во изминатите години. Можам слободно да истакнам дека сме можеби едни од ретките, можеби и единствени, кои како гости ги имале актуелните светски рекордери во маратон (во машка и женска конкуренција). Во 2014 година промотор на маратонот ни беше во тоа време светскиот рекордер во маратон за мажи, Вилсон Кипсанг од Кенија, кој светскиот рекорд (2:03:23) го постави во Берлин во септември 2013, а веќе следната година во мај беше наш гостин во Скопје. Во 2018 година наша промоторка беше во тоа време светската рекордерка во маратон за жени, британката Пола Редклиф (2:15:25, рекорд во периодот од 2003 до 2019 година), една исклучителна личност, одлична маратонка со огромно искуство, која од Скопје си отиде со многу убави впечатоци и со пофални зборови за целата организација.

Кире со Пола Редклиф

Ако имате можност да се вратите неколку години наназад, што е тоа кое би го промениле?
Па не би менувал ништо наназад, така требало да биде, и дали било позитивно или негативно, тоа било едно искуство плус. Сепак не се навраќам многу наназад, сакам да одам напред и да гледам многу подолгорочно отколку да се враќам во минатото.

До кој степен сметате дека може да се развие маратонот?
Маратонот се развива од година во година, кои би биле границите не може да се каже, за самиот развој многу важна е и поддршката која ја имаме во сите овие години. Можам да кажам дека и до сега го имаме доста развиено маратонот, посебно во употребата на разните технологии кои се застапени во маратонот кои силно влијаат во квалитетот на организацијата, а тоа се воведување на мерење на време со чипови (нешто што многу маратони во околината го имплементираа по нас), дигитални стартни пакети, споделување на фотографии за секој тркач преку препознавање на баркодови, мобилна апликација, и секако се она што е ново и тренд во светот гледаме многу брзо да биде применето и кај нас. Сепак, за да го развиеме потребна е голема меѓународна промоција, но за да го оствариме ова потребни се големи финансиски средства и поддршка од институциите во државата за промоција на маратонот, кој покрај спортски настан претставува и голем потенцијал за развој на спортскиот туризам, но за жал во овој дел немаме скоро никаква помош од надлежните институции во државата за промоција и развој на туризмот.

Со глобалната пандемија, какви се плановите за оваа (или следната) година?
За жал заради пандемијата, моравме овогодинешното издание кое беше предвидено за 10 мај, да го презакажеме за 4 октомври со надеж дека тогаш ќе се создадат услови за враќање на маратонските трки. Сепак, свесни сме и спремни дека условите се менуваат, дека светот се менува, дека можеби бројот на учесници нема да биде ист, дека бројот на странци ќе биде намален, затоа за оние кои нема да можат од било кои причини да учествуваат на 4 октомври, им понудивме опции својата пријава да ја префрлат во 2021, или да се префрлат во Виртуелна трка и да ја истрчаат својата трка било каде во светот, а за возврат преку пошта да им го испратиме нивниот медал, маица и стартен број. Во моментов работиме и на некои нови форми на трки, па ќе видиме колку сето тоа ќе успееме да го органзираме и да им понудиме на тркачите и во овие многу специфични времиња некоја алтернатива за да бидат сеуште активни, и да го задржат натпреварувачкиот дух.

Како ги поминувате деновите откако започна глобалната пандемија?
На почеток беше многу збунувачко, наеднаш се соочувате со ситуации кои не можете да ги контролирате, треба да реагирате а не знаете како, имате многу прашања а нема кој да ви ги одговори, и едноставно цело време сте во некоја неизвесност, бидејќи во оваа индустрија во која работам, никој не може да предвиди кога и како работите ќе се вратат во нормала. Размислувате како да се преадаприрате на новонастаната ситуација и секако го искористувате овој период да поминете повеќе време со фамилијата.

Ако можете да испратите порака во минатото до 25-годишниот Кире, која би била?
Па пораката за 25 годинишниот Кире, не би била многу поразлична от тогашната, а тоа е секогаш работи го тоа што го сакаш, тоа што те прави среќен и биди упорен, не се откажувај, барај начин како да стигнеш до целта.

Освен Скопскиот, кои Ви се омилени маратони или трки?
Морам да признам дека како атлетичар, не сум ги сакал трчањата на долги патеки, но со тек на годините и тоа се промени, така во 2015 година (кога беше откажан Скопскиот маратон заради случувањата во Куманово) барав нов предизвик во животот, и тогаш решив да ја искористам поканата на мојот пријател Арпад од Будимпешта, кој е организатор на голем број трки во Будимпешта, и токму таму да ја истрчам својата прва полумаратонска трка. Така да од тогаш сум и од другата страна на маратоните, не само како организатор туку и како директен учесник. Често патувам по други маратони, како гостин, како директен учесник, едноставмо сакам да стекнувам ново искуство. Мој омилен маратон/полумаратон секако е оној во Будимпешта, но би ги извоил и Прага и Копенхаген каде имав незаборавни искуства.

Кои личности (или компании) би ги одвоиле како најзаслужни за развојот на целиот проект низ годините?
Секако како една од личностите кои се најзаслужни за рестартирањето на маратонот е Ерван Фуере, а секако тука се и покровителите, Градот Скопје, Канцеларијата на ЕУ, Агенцијата за млади и спорт кои веќе 14 години по ред ни даваат огромна поддршка. Не треба да се заборават и спонзорите, но сепак би го истакнал насловниот спонзор Виз Ер кој го препозна нашиот квалитет и со нас е од 2014 година. Секако тука се и многубројните тркачи кои исто така се заслужни за развојот на маратонот.

Што уште му недостига на Скопје?
На Скопје му недостигаат уште многу други трки во текот на целата година, му недостига атлетски стадион кој ќе биде даден на користење на атлетичарите, односно на Атлетската федерација на Македонија. Имаме среќа што го имаме Кејот на Вардар кој е омилено место на скопјани за трчање, но сепак на тој Кеј му недостасува и редовно одржување (санирање на патеката и редовно косење трева),  и надградување на рекреативната асфалтна патека од двете страни на Вардар, и ми пречи што има многу објекти долж Кејот што не им е местото таму и што често се прекинува рекреативната патека со разни градежни зафати, а притоа не се внимава на потребите на рекреативците.

Која е Вашата порака до маратонците?
Мојата порака би ја упатил до сите оние кои не се дел од маратоните, до оние што мислат дека трчањето и маратонот не е за нив, би им порачал да пробаат да трчаат и да бидат упорни, затоа што трчањето може само да ги промени, и тоа на подобро.

Дали би издвоиле некоја интересна случка од изминатите маратони?
Секако, имало доста интересни случки, но би ја издвоил онаа од 2014 кога наш гостин беше светскиот рекордер Вилсон Кипсанг. Кога се решивме дека сакаме да поканиме некоја славна личност да го имаме како промотор, почна мојата потрага како да дојдам до тогашниот светски рекордер, веднаш после соборувањето на рекордот во Берлин. Стапивме во контакт со неговите менаџери, баравме разни потврди од нив за да бидеме сигурни дека Вилсон ќе пристигне во Скопје, и некако постигнавме договор и бевме убедени дека сé ќе биде во ред, иако јас бев некако скептичен, и не ми се веруваше дека ја прифатија нашата покана. Дента кога требаше да слета во Скопје, заедно со Александар Кираџиев заминавме на Скопскиот аеродром да го пречекаме Вилсон и неговиот менаџер кои требаше да слетаат со летот од Ајндховен, кој беше последен за тој ден во 23:20 часот. Патниците почнаа да излегуваат но нашиот гостин го нема, поминува време, веќе излегоа сите патници и еден подолг период нема никој да излезе. Се погледнуваме со Александар и се прашувам зарем е можно да ме изиграле, како ќе го оправдам најавувањето дека во Скопје доаѓа светскиот рекордер. Почна да ме фаќа нервоза и размислувам како ќе се извадиме од оваа ситуација и ете после подолг период се отвараат вратите и се појавува Вилсон Кипсанг со неговиот менаџер, a мене ми падна камен од срцето. Ги прашувам што се случило, зошто ги чекавме толгу долго? Одговорот беше, ни го загубиле багажот и мораше да пријавиме и затоа последни излеговме.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ