fbpx

ЕКСКУРЗИЈА

17.1.2021

(Оваа колумна е објавена пред многу години. Денес изгледа како сосема нова.  Тогаш имаше минато, сегашност и иднина. Тогаш планиравме што да имаме. Денес преговараме што да немаме. Тогаш се плашевме од иднината. Денес иднината се плаши од нас!) 

Кога во некое забаталено попладне ќе се сретнеш со фактот дека мустаците не ти побелеле од шампита туку од фризерските услуги на мајката природа, кога сѐ помалку ќе успеваш да се тешиш со изгледот на Кит Ричардс и локалитетот Стоби, а патем ќе откриеш барем една своја сличност со ќупот во аголот на собата, крајно време е да излезеш од дома! Каде? Не прашувај. Само излегувај. Скопје е град на солидарноста. Прифаќа и такви примероци на човечкиот род на кои во нормалните градови им е дозволен само транзитен премин. Максимум, пиење вода на железничката станица додека возот стои, а строгите униформирани лица будно го следат нивниот животен мизансцен.

Користејќи го либералниот визен режим, патувам до едно кафуле во центарот на градот. Нарачувам кафе. Локум ќе каснам во среда. Роман ќе напишам во недела. Минерална вода ќе се напијам дома. Предноста на скопските биртии во споредба со другите европски градови е очигледна. Овде сите можат да зборуваат истовремено и никој никого да не слуша. Гласноста на музиката и високодецибелните дискусии на едно скопско кафуле, може комплетно да опреми неколку градови со просечна големина на Стокхолм и околните маала. Се полемизира на строго софистицирани теми. Внатрешна, надворешна и кадровска политика. Останатите дискутанти се туристи. Ја користат секоја можност да бидат што подалеку  од Скопје. Се враќаат назад само за да нѝ ги соопштат своите импресии. Со гласови што звучат како коцки мраз во шејкер, расправаат за сите оние Египти, Шпании, краци…

Кога помислив дека главниот настан ќе биде моето враќање дома, една класична реченица високо го надвиси кафеанскиот жагор и гласно се одби од црниот мермер, бетон и железо: „Држете се за раце! Држете се за раце!” Наставничките со своите наубави фризури и најзагрижени погледи, прецизно го покажуваа правецот на движење. Наредени како колачиња, во колона по двајца, цврсто фатени за рачињата залепени од стопеното чоколадо и сладоледот од ванила, чекорат разбушавени тимби и разнобојни машни. Нивните оџагорени очи внимателно ги впиваат сите светски чуда на овој град, за да можат после „со свои зборови” да ја напишат писмената работа по мајчин јазик и литература.

Во еден момент се почувствував како антички Македонец, затоа што се сетив на моето детство. Во тоа време, главна беше паролата „Запознај ја својата татковина, за да ја сакаш повеќе“. Ученичка  е к с к у р з и ј а. При самото спомнување на овој збор, се случуваше масовна мобилизација. Нашите мајки, баби, тетки и стрини со денови и ноќи го вежбаа својот неоткриен талент за шиење на славните машини „сингер”. Во секој штеп ја вградуваа својата бескрајна љубов и раскошна фантазија. Според тогашната важечка идеологија („ако е старо, само нека биде чисто и закрпено”) правеа вистински чуда од материјалот со кој што располагаа. Ги превртуваа излитените јаки на нашите стари кошули а од својата одамна заборавена „плисирана сукња”, успеваа да направат и по неколку нови фустанчиња!  

Беа тоа времиња на картонски куфери стручно стегнати со канап, за да не испадне ниту една драгоценост која грижливо ја спакувале нашите најблиски. Списокот на личната реквизита е стандарден: Четкичка за заби, испеглано штофано марамче, огледалце и чешле. Хроничната глад на нашите родители ги научила секогаш превентивно да делуваат. Затоа помеѓу перлон кошулата („за свечени прилики”) и волнените чорапи („гети”) редовно ставаа по некоја конзерва, паштета, „месни нарезак” и свежо испечен милиброд со џем од сливи и зрнца од афион. („Во случај да нема доволно храна”).

„Во случај да удри лапавица во мај”, нашата феријална торба мораше да го издржи и последното парче гардероба. Од волницата распарана од неколку различни стари џемпери, бабите плетеа нови џемпери! Во тоа време беше во мода дизајн со баклави. И бидејќи мојот физички изглед беше најблизок до грисина, на мојот џемпер се собраа само 3,5 баклави. За разлика од другите копиљаци на кои џемперите им личеа на слаткарски излог. 

Откако ќе ги слушневме и последните инструкции: „Не се навалувај на прозорецот, кога ќе стигнеш одма да се јавиш, во тунел прозорците „обавезно” да бидат затворени, пази на парите, не пиј ладна вода… возот ја испушташе својата најгуста пареа на перонот, каде што стоеја сите наши роднини и плачеа затоа што ова беше нашата прва разделба, туристичко сефте и пат во неизвесност. Додека зачадениот воз како заталкана гасеница пополека се пробива низ утринското руменило, ние гласно се церекавме и многу добро знаевме дека ниту еден совет не важи за нас, затоа што сега нашите погледи изгледаат многу постари отколку што тоа го дозволуваат нашите години.

После една недела од познатите туристички објекти редовно пристигаа сметки за скршен плакар, лавабо и двокрилна врата од мурано стакло! Чинии и чаши, башка. Поради одржување седумдневен помен на шефот на салата, еден од рестораните дента бил затворен. Дома маратонски родителски состаноци и отплата на рати. И казни, разбира се. Најстрогата беше: Забрана на козумирање на ментол бонбони во време траење од три дена. Дозволено е играње топка, но само едно полувреме. Традиционалната неделна посета во луна-парк и комплетот од два билети за „рингишпил”, семки и оранжада, се редуцира. Остануваш само со фишече семки, под услов да не се буниш. 

Што останува на крајот? На крајот остануваш само ти. Сам, со своите спомени од одамна загубеното детство. И додека пополека потонуваш во оваа скарлетна ноќ, цврсто си решен да се откажеш од сите богатства на овој свет, само за еден ден екскурзија, со својата генерација илјададеветстотини педесет и… кој знае која?

НАСКОРО: Новата книга од Братислав Димитров – „ДРЕМКА ЗА ДВАЈЦА“ со избор од старите, но и многу нови колумни и раскази!

This image has an empty alt attribute; its file name is dremka-za-dvajca-naskoro-1024x683.jpg

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ