fbpx

ГУРМАНЧЕ

19.4.2021

Седам во една мистериознa градба и покрај добрата воља (и обилно арчење фантазија) не сфаќам зошто скопјани упорно ја нарекуваат кафуле!? Можно е да сум приглуп, тоа го сфаќам. Ама ова другово, никако! Заграден со пластична мушема, телевизори и бетон, пијам едно кафе со цена на хотел „Челзи“, ама трпам, за атер на Leonard Cohen. И додека дедо Господ со сите свои легени, ѓумови, корита и кофи, без прекин и усул истура дожд врз нашево славно „кафуле“, го поставувам основното филозофско прашање: Што би се случило кога нашите животи би се одвивале во обратна насока? И бидејќи во близина немаше никој освен мене, самиот одговорив: Тогаш нашите животи би имале среќна иднина! Ете така почнав да се враќам во минатото, додека  во сегашноста (како и секој „папучар“) ја чекав жена ми. Младост оставив во трговскиот центар, што нашиве патриоти го нарекуваат „Лептокарија!“

Инаку, во последно време сѐ почесто си разговарам сам со себе.  И да ви кажам право, не ми оди лошо. Има предности. Кога човек разговара сам со себе, големи се шансите во нешто и да се согласи со својот „соговорник”. Така и овој пат, се согласив дека имаме и други патриотски имиња. Чекориш гордо по улиците, Алжирска, Анкарска, Каирска, Бахар Моис, Багдадска, Тунгузиска, Мексичка (особено „Мексичка!“), пичиш по Рузвелтова и стигаш до „Беверли хилс“, во слободарскиот „Капиштец!“ Тука кљамчиш на паркингот (бесплатен е!) додека сопругата докупува… И конечно ја сфаќаш древната македонска народна поговорка: „Жена ти е глушец на кесе!“

Уште на самиот почеток на оваа „колумбина“ (стручен термин на берберот Тони) ред е да се фатиме за некоја работа. Во старо време, кога бевме млади, убави и храбри (сега сме само живи!) мислевме дека можеме да го промениме светот лесно и брзо, како во некоја „сапунска опера” со среќен крај. Како што се одолжуваа градежните работи околу „поправката” на светот, така и ние пополека сфативме дека патем сме заборавиле да се промениме себе си!? И сега што? Сега ништо. Биднало. А и пободбро е вака. Јас еднаш пробав да се променам, ама удри на полошо! 

Некој живее од љубов, некој од мито и корупција, а ние живееме од спомени. Кога веќе во тие наши славни денови, не сме успеале да направиме ништо за нашата иднина, сега ќе се обидеме да направиме барем нешто за нашето минато, додека го имаме! 

Какво беше тоа минато просудете и сами од описот на една типична средба какви што се случуваа често во тоа време, некаде во доцните шеесетти и раните седумдесетти години, на минатиот век. Еден убав сончев ден во маалото „Колонија”, случајно се среќаваат на улица Владимир Лапе, Мирче Доневски и Братислав Димитров. Првите двајца сигурно ги знаете. Третиот сум јас. На таа историска средба другарот Доневски (бог да го прости), како што беше редот во тоа време, веднаш го прашува другарот Лапе: „Си ја читал ли „Степски волк од Херман Хесе?” Другарот Лапе (во комунизмот сите бевме „другарки и другари“) како од топ одговара: „Рецимо сум ја читал!” И тука почнува богата и содржајна дискусија во која другарот Лапе учествува рамноправно (на моменти и води) не дозволувајќи во ниту еден миг една мала формалност (не ја читал книгата) да го спречува неговото инспиративно и исцрпно излагање! 

Во тоа време немаше работи што ги измислил лично ѓаволот, а тоа се интернет, фејсбук и мобилни телефони. Така да, бевме принудени да се дружиме и со денови и ноќи да дискутираме за најразлични теми и дилеми. Читавме сѐ живо и диво. Копавме по разни антикварници и приватни збирки. Ги молевме ретките патници во странство да донесат некои книги и плочи, бидејќи на клучното прашање дали си ја слушал последната плоча на „Лед Цепелин”, не можеше секој да ја изговори реченицата: „Рецимо сум ја слушал!” Игравме многу игри, но најчесто „Фота“. Еротска игра, која најдобро ќе ви ја објаснат вашите постари родители или помлади баби и дедовци!

Конечно стигнавме! Од трговскиот центар „Буњаковец” во правец на Соборниот храм, на семафорите каде што „Партизанска” го сече булеварот „Климент Охридски”, веднаш од десната страна, сигурно сте забележале една зграда што личи на безлична фаца на некој чиновник од Брисел, кој штотуку се пензионирал. Токму на тоа место, каде што сега стои таа рамнодушна зграда, живееше една од најславните наши кафеани „Гурман”, што сите ние од милост ја викавме „Гурманче”. Тоа беше една од првите кафеани што младите успешно ја освоија во тоа време, без да бидат изложени на  строгите погледи на старите намќори, кои тврдеа дека еден ден ќе соберат сигурни докази, од кои јасно ќе се види дека само заради младите како нас и „трулиот” Запад“, тие доцнеле со конечна изградба на комунизмот! (Денес обвинението гласи: „Заради таквите како вас, доцниме со изградба на капитализмот!“)

„Г у р м а н ч е”. На масите црвени чаршави со коцки а на нив незаменливите сифони за шприцери, кои после ги заменија за нешто, не се сеќавам за што. Во аголот на ова кротко и интимно место, имаше една тенекија во која ставаа нафта и ја палеа. Секогаш кога од чисто љубопитство, или заради проширување на нашите хоризонти, ќе прашавме што е „тоа” чудо во ќошот, шефот на салата се колнеше дека е ќумбе! Варено вино со малку бибер, зелено ладно (грч!) пиво со помфрит, еден шанк дизајниран за да издржи и чочек, од неколку расположени гости(нки)… И бидејќи тогаш не бевме кандидати за членство во ЕУ, можевме слободно сите гласно да пееме, да дофрлуваме од маса на маса, море и чаши да кршиме! Иако во тогашните кафеани по ѕидовите имаше постер со ист строг текст: „Секоја намерно скршена чаша се наплатува… “, да не кажам колку! Во такви катарзични моменти не прашувавме за цена, затоа што важеше балканското правило: „Што пие кафана?“ Плус, имаше пијачки „на рецка“ (вересија), што, признавам, значително го успори нашето зачленување во мировната одрганизација НАТО, за разлика од библиотеката „Другарче“ каде можеше и без родител.

За разлика од денес, во тоа време имаше обични, мирни и едноставни денови. Среде еден таков ден, седиме во „Гурманче” оптегнати како гуштери на пустинска карпа и си мезиме некоја стакато тема. И кога изгледаше дека ќе протераме и без некои посебни возбуди, се слушна силен тресок на влезната врата и во кафеаната влета Вања и задишан како антички гласник, откако зема малку душа, успеа да ја соопшти последната најважна вест на Светот: „Во Лондон се појавиле „тинеждери!” (Оваа вест тој најпрво ја соопшти на корзо. Но ја ширеше насекаде, затоа што во тоа време, од медиуми имаше само селски чешми, два весника и една телевизија).

Замисли: „Т и н е ж д е р и”. Настана гробна тишина и ние ја испочитувавме таа вест бидејќи доаѓаше од истата држава од која доаѓаа и „Битлси”. И бидејќи, психолошката пауза во вакви драмски моменти може да забега во димензии колку за две-три драми на колегата Чехов, нашиот Чарли (бог да го прости) високо ја подигна чашата варено вино со бибер и рече: „ Добро, тоа не е причина да не се напиеме!” Сите наздравивме и ги испивме чашите до дно!

После некое време дознавме дека тие „тинеждери” всушност да ти биле „ти нејџери”, но сѐедно, на Вања му остана прекарот „тинеждер!”

П.С.

Оваа колумна е посветена на нашите другари Мирче и Чарли. Мирче беше глумец и ретко добар соговорник. И Чарли беше добар човек, еден од првите диск-џокеји во Македонија, заедно со Мице и Васја.

НАСКОРО: Новата книга од Братислав Димитров – „ДРЕМКА ЗА ДВАЈЦА“ со избор од старите, но и многу нови колумни и раскази!

This image has an empty alt attribute; its file name is dremka-za-dvajca-naskoro-1024x683.jpg

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАЏАВТЕ КОРЗО
СЛЕДНА СОДРЖИНАСТИЛСКИ ВЕЖБИ

СЛИЧНИ СТОРИИ