fbpx

БУТНИ УШТЕ МАЛКУ ОД ТОА ВИЊАКОТ!

19.4.2021

Во животот има многу настани што нудат поволни услови човек да испадне глупав и смешен, но јас најчесто и давам предност на Новата година. Некако ја свикнав. Ко ѕивра во чорап. Ко лиен бандаж на „југо корал” и хаику поезија. Ја свикнав ко Беатриче во сонетен венец и домаќинка во кецела. Дали таа ме свикнала мене? „Навиката е втората природа која ја уништува првата” како што би рекол славниот Блез, познат по прекарот Паскал.

И бидејќи одсекогаш сум сметал дека строгата диета е кулинарски фашизам, чувствувам голема почит кон овој светски празник. Особено кон оној дел со печено свинско, одлежани сарми, руска салата и сите видови баклави. За пиво, вино и ракија, не арчам комплименти. Едноставно, уживам во класични вредности. На ова место секој поштен интелектуалец ќе се заинтересира за теоретскиот дел. За тој дел обичните смртници го користат терминот  с р е ќ а. Не знам како се снаоѓате вие, но јас како и многумина пред Нова година, најсреќен сум дека не сум прасе! Малку цинично, а? Знам. Ми се испушти. Не ми е ни мене лесно. Со години пишувам и барем неколку пати сум ја обработувал оваа аргатска тема. Значи, Нова година, а? Добро.

Вчера купив повратен билет. До каде? До овде, нормално. Тука ќе ја чекам Новата година. Ја донесов оваа патриотска одлука, од чисто практични причини. Кондово ми е далеку, а во Виена нема слободни места. Зафатени се, со наши весељаци. Дечките одамна се извежбаа. Наместо тука да запоти мишка на пајдушко оро, таму ќе гужва лакована ципела на бечки валцер. Наместо овде да се лигави со секоја џукела на полноќ, таму дискретно ќе климне со тимбата и тоа ќе се смета за регуларно честитање на Новата година! И останатите славенички и славеници  ќе ги тресат своите конкавни делови по разни страни на светот. „На овие простори”, просторот им е тесен а тие постојано се  ш и р а т…

Дали им завидувам? Глупости. Тоа е преблаг збор. Јас кон нив одгледувам тивок презир и благо гадење. Сѐ потешко се поднесува нивната грижа за татковината. Откако по сите чепатлаци по светот за само неколку дена ќе сплескаат сума што е адекватна на годишниот буџет на неколку просечни мекедонски семејства, се враќаат тука и веднаш почнуваат гласно да се секираат за економската судбина на своите сограѓани! Заморно.

И додека се сладам со теглата слатко од госпоѓицата Филимена, се сеќавам на старите добри времиња. Кога бевме копиљаци Новата година се славеше исклучиво дома. Се собиравме кај роднини и пријатели. Телевизија воопшто немаше а радиото беше вистинска атракција. Старите седеа околу масата, пиеја, мезеа и раскажуваа вицеви. Тоа траеше кратко бидејќи во тоа време имаше три вица во две варијанти. За политика малку или воопшто не се дискутираше заради фактот дека „сите бевме на власт”, а некој процент и поради вербалниот деликт. Затоа домаќинот набргу вадеше шпил карти и главната забава почнуваше. Играа комар „на купчиња” до раните утрински часови, со мал прекин во 24 часот за честитање. Ние децата се шуткавме низ станот, куќата и дворот. Игравме жмурка, брканица, фота, долга магарица и бззз….

Во тоа време во нашето маало се случи една неверојатна приказна. Маж без машна и жена без ташна, не одат. Ракија без мезе и текст без вовед, „такуѓаре”. Кучето е прогласено за најверен пријател на човекот само затоа што без збор го трпи бедното присуство на својот газда. Во случајот на Јоцо и ова правило беше исклучок. Тој му беше најдобар пријател на своето куче што не може да се каже и за другата страна. Кучето се викаше Џони и не заслужува никаков опис. Беше најобична џукела. Навечер ги разнесуваше низ цело маало обувките што ги земаше од пред праговите на куќите. Сабајлето се собираа сите на улица и гласно разменуваа лева цокула за десна папуча, десна чизма за лева топлинка… Откако ќе ги спареа некако своите обувки влегуваа дома пцуејќи го кучето, газдата и неговите најбкиски до трето колено.

Кога еден ден некому му досадило цел живот да трага по својата лева сандала, ја применил следната класична постапка. Закачил на сиџим неколку празни конзерви а потоа ги врзал за опашот на Џони. Тој што ја знае оваа педагошка мерка, воопшто не се сомнева во нејзината ефикасност. Конзервите тропаат и удираат по кучето кое исплашено трча без прекин во еден правец сѐ додека не клапне од замор. Далеку е од местото на настанот и нема никаква воља да се врати.Иако во тоа време се уште не беа измислени невладини организации за заштита на животни, газдата искрено жалеше за својата џукела.

Еден ден Јоцо се поздрави со својата женичка и двете дечиња и отиде на печалба во Ирак. Од таму редовно праќаше пари но нередовно доаѓаше дома. Таа негова нередовност ја зближи неговата женичка со неговиот најдобар другар. Резултат од таа нивна фина дружба беше големиот стомак од кој по 9 месеци излезе бебе кое го крстија Јоцо како знак на нивна „мала пажња” кон нашиот Јоцо. Еден ден Јоцо се врати дома. Математиката беше сурова. Од жена и две деца (после плус едно дете) најдобар другар и куче, остана сам во својата куќа. Страдаше по сите вертикали и хоризнтали. Издржуваше силни удари на судбината. Бекхенд, форхенд, кроше, аперкат… Вистински ужас ако се земе предвид фактот дека во тоа време курварлакот не беше масовна (и модерна!) појава каква што е денес.

Таа Нова година го повикаа Јоцо на гости за да не биде сам. Тоа беше фатална грешка бидејќи покасно зоологијата откри дека со луѓе осаменоста е уште поголема. Почнува славењето на Новата година и Ганцо го прашува што ќе се напие а Јоцо побара чаша вињак и заедно со неа потона во длабока тишина. Некаде пред полноќ Јоцо прв пат прозборе: „Бутни уште малку од тоа вињакот”. Добро. Ганцо ја наполни неговата пивска чаша до самиот врв.

Неколку капки вињак како солзи пополека се тркалаа по лицето на чашата. Долго ја гледаше. Како давеник сламка. Останува мистерија како успеваше во себе да ги помири паничната желба и совршената бавност. Надвор ветрот пискаше по околните керамиди, тараби и дворови. Првите снегулки летаа на сите страни ко глуварки во бескрајно поле. Точно на полноќ Јоцо се помрдна и чашата се изгуби во неговата дланка. Високо ја подигна раката и погледна високо угоре во правец за кој сметаше дека можеби се наоѓа рајот. Нешто прошепоти и ја испи пополека на екс. Добра ноќ, рече кратко и излезе надвор пробивајќи се бавно низ ноќниот катран.

Патем седнал во некој двор до еден снешко малку да одмори. Се размуабетил со него и ништо не забележал. Таа ноќ најголемата виулица се истурила врз нашето маало. Студот ги зарил забите до срцето на каменот. Сабајле им требало долго време за да откријат кој од двете снежни фигури е вистинскиот снешко а кој е Јоцо. По погребот уште 40 дена сите во нашето маало офкаа од тешката главоболка и не им помагаше никаков иљач.

Зошто слоновите се големи, сиви и збрчкани?  За да се разликуваат од аспиринот.

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

ПРЕТХОДНА СОДРЖИНАСТИЛСКИ ВЕЖБИ
СЛЕДНА СОДРЖИНААМБИЦИОЗНИ ЛУЃЕ

СЛИЧНИ СТОРИИ