fbpx

АМБИЦИОЗНИ ЛУЃЕ

06.5.2021

„Можете да го убиете генералот на некоја војска, но не можете да ја убиете амбицијата на еден обичен човек”. – Конфучие

Амбициозните луѓе знаат дека 2 + 2 = 4, но сметаат дека тоа не е доволно. Оваа сорта се намножи толку многу, што останатите луѓе станаа атракција. Ако настаните продолжат со ова драматично темпо, постои опасност обичните луѓе еден ден да завршат во музеите како експонати! Епидемијата сѐ повеќе се шири. Жртвите на неограничената амбициозност се сѐ повеќебројни. Многу болести, во споредба со нивната „АМБИЦИЈА”, испаѓаат како обична настинка. Основниот амбициозен принцип „сега му е мајката” прави неверојатни чуда. Луѓе што (до вчера) биле среќни да си купат јакничка со две лица или да каснат „десетка со кромид“, денес океанот им е до колена, а небото до раменици. Трупаат  материлајни богатства во количества што и за најголемите атеисти е доказ дека има задгробен живот. Само прашање на време е кога и на „оној свет“ ќе бидат (барем) советници на некого или на нешто. Како дипломирани зихераши, тие на своите панталони носат ремен и трегери, истовремено. Секогаш се главни за сѐ и сешто.Толку многу сакаат да бидат во центар на вниманието што и  кога одат на погреб, сакаат да бидат покојникот!

Како е во другите области? „Мрка капа“. 

Познавам еден наш писател, кој во светот е непознат, но во своето родно село ужива светска слава. Има автори на кои прво им се доделуваат награди, а дури отпосле „дечките” ја завршуваат формалноста околу завршувањето на своите „ремек дела“. За амбициозните луѓе ниту една амбиција не е доволно голема. Деновиве еден директор, кој патем е и лекар, објави дека измислил лек за болест која сѐ уште не се појавила. Еден друг стручен кадар во својата „петолетка” планира реките да имаат топла и ладна вода. Угледен историчар на уметноста, закажа прес конференција на која конечно ќе обелодени на што се смее Мона Лиза. Еден врвен негов соработник изјави дека генијалниот сликар Ван Гог не си го исекол увото од љубовни, ами од хигиенски причини. Еден доктор на науки приопшти книга која содржи антологиско откритие: „Времето постојано би било убаво кога климата не би се расипувала”. И дупките на саксии ги измислил наш кадар. Ама не успеал пронајдокот да го заштити во агенцијата, затоа што не работела. Наводно, заради споени празници.

Амбициозните луѓе самите си прават кисело млеко. Ќе купат обично млеко и гледаат во него неколку минути! Таквите луѓе ги касаат само оние комарци што решиле да извршат самоубиство. Таму каде што нашите амбиции завршуваат, нивните почнуваат. Затоа со часови седат загледани во фрижидерот, а потоа интелигентно се прашуваат дали сијаличето сѐ уште свети внатре, откако тие ја затвориле вратата на фрижидерот!? 339 години пред Христа, еден дечко што се одзива на името Сократ, изјавил: „Сега знам дека ништо не знам“. Го оптужиле дека ги расипува младината и Платон, башка општеството. За да ги спаси сите од своето незнаење, човекот испил чаша отров и… После него почнува долгата историја на сезнајковци, денес познати под терминот „експерти“. 

Доколку сте добиле дијагноза „експерт”, вашите можности се неограничени. Ако имате силен нагон за убивање и околу вас владее неподнослив мир, а не сте женет и не сте ловец на бафала или бели мечки, најдобар начин да убиете барем нешто, е да разговарате со некого! Идеални соговорници се луѓето со енциклопедиско незнаење. Со такви луѓе можете за пет минути да  отепате  толку многу време, колку што на многумина не им успева за целиот живот. За разлика од буквалните, менталните убиства даваат прекрасни можности. Своите жртви можете да си ги убивате постојано. Едноставно, да си ги „мезите” до крајот на животот. Затоа се измислени оние „дебатни емисии“, “фејсбук“, “мобилни телефони“ и други ѓаволски работи.

Сигурно се прашувате, за да биде „третманот” успешен, што треба да разговарате? Море што било! Секој разговор е доволно добар за кавга. А и онака е сосема сѐедно што ќе „пљампате“, бидејќи на крајот и така нема да знаете за што сте „разговарале“. Како угледен „експерт“ вие сте супериорен соговорник. Го прашувате противникот нешто, одговарате наместо него, а после му кажувате дека тресе глупости! Во ретките паузи (додека се зема воздух)  амбициозните  луѓе (освен банкарски сметки) знаат да негуваат и шега. И додека вие му меркате слаби точки на противникот, тој ве олабавува (од тактички причини) со комика: „Го знаете вицот за Србинот, Бугаринот, Гркот и Албанецот? Зошто на таа средба не бил присутен Македонецот? Според официјалното соопштение, бил болен“.

Боже, каде исчезнаа нашите вековни доблести? Милост, сомилост, гостопримство, солидарност, љубов, симпатија, емпатија, другарство, скромност, храброст, тивка и блага нарав… Каде се сите оние песни, игри и ора? Седенки пред порти и гласно смеење… Што е ова што го живееме!? И полжавите зад себе оставаат некаква трага. А ние? Во еден квиз, натпреварувачот немаше поим за Кетрин Денев и Пабло Пикасо, ама затоа  знаеше сѐ за старлетата што учествува во реалити шоу!? Неговиот противник не слушнал за Ф.М.Достоевски, ама веднаш кажа кој број гаќи носат Дара Бубамара и Јелена Карлеуша, кога понекогаш ги носат! И последното вистинско прашање остана без одговор. Кој е најстариот занает на светот? Дали продавањето на телото или душата? Никогаш не сум можел да го разберам чувството на триумф кое така самоуверено и дрско го манифестираме ние „чесните”, после секое спектакуларно апсење на „пријателките на ноќта”, под обвинение дека се бавеле со проституција! А со што се бават сите останати? Со градење на правна држава? Садат росно цвеќе? Даваат крв? Ја сакаат татковината? Редовно се тушираат и сечат нокти? Им помагаат на сиромашните и беспомошни лица?

Дали некогаш, барем за момент, додека го одобруваме прогонот на тие госпоѓи кои даваат професионални сексуални услуги, сме се запрашале, што правиме ние? Навистина не е фер да малтретирате група беспомошни девојки, па макар тие биле и „проститутки”, само заради очајната потреба по секоја цена да ја одржуваме во живот бедната илузија за нашата лична и колективна „моралност”. И до кога продавањето на телото ќе се прогонува и казнува, а продавањето на душата ќе се афирмира и наградува!?

Добро. Признавам. Уморен сум од сопствениот цинизам, гнев и агресивност. Им се извинуван на сите што сум ги навредил на било кој начин. А на себе си ќе се извинам кога ќе станам подобар човек, доколку имаме доволно трпение за тој голем настан. И бидејќи ги забележувам кај себе првите неподносливи симптоми на болна амбициозност, прекинувам веднаш и си одам! 

Каде? На балкон, се знае. Госпоѓата зима сите пријатно нѐ изненади затоа што стигна навреме, без никакви процедурални забелешки и амандмани. Стојам и упатувам долги и епски погледи кон бескрајниот тиркизен хоризонт, додека дијамантското небо ни праќа сребрени и топли насмевки… Ја гледам Македонијава наша и се гордеам! Никој ништо не ѝ може, и покрај најголемите амбиции!

П.С.

Македонијо, чувај го и ти Господ!

Биди дел од Telegram каналот на SMART и добивај дневна доза интересни содржини директно на твојот телефон!

СЛИЧНИ СТОРИИ